Уапсена и претепана иранската нобеловка Наргес Мохамади

Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир, Наргес Мохамади, е хоспитализирана откако, според тврдењата на нејзиното семејство, била претепана за време на насилно апсење минатата недела, објави Би-Би-Си.

Во телефонски разговор со семејството, 53-годишната активистка раскажала дека била нападната од агенти во цивил и дека поради сериозноста на повредите двапати била однесена на итна медицинска помош. Мохамади била уапсена пред три дена, во вечерните часови, во градот Машхад, каде што одржала говор на комеморација за Хосров Аликорди, адвокат и борец за човекови права, кој претходно овој месец беше пронајден мртов под, како што наведуваат невладините организации, „сомнителни околности“.

Според Фондацијата „Наргес“, која се повикува на изјави на очевидци, активистката била нападната од околу 15 агенти во цивил, кои ја влечеле за коса и ја удирале со палки. Во краткиот телефонски разговор со семејството, Мохамади потврдила дека „интензитетот на ударите бил толку силен и жесток што двапати била однесена на итна помош во болница“.

Во соопштението на фондацијата се наведува дека таа не знае која безбедносна служба моментално ја држи во притвор и дека не ѝ било дадено никакво официјално објаснување. „Нејзината физичка состојба во моментот на повикот не била добра“, се додава во соопштението.

Мохамади изјавила и дека е обвинета за „соработка со израелската влада“, како и дека ѝ биле упатени закани по живот. Според нејзините зборови, агентите ѝ рекле: „Ќе ѝ ја завиеме во црно мајка ти“.

Во истото соопштение се наведува дека за време на комеморацијата биле претепани и приведени уште две активистки за човекови права, Сепидех Голјан и Пуран Наземи.

Зачлени се на нашиот е-билтен