Нобеловката за мир и една од најпрепознатливите лица на движењето „Жена, живот, слобода“, Наргес Мохамади, повторно е зад решетки. Иранските безбедносни сили насилно ја уапсија 53-годишната активистка во Машхад, додека присуствувала на комеморација за починатиот адвокат за човекови права Хосро Аликорди – настан што се претвори во уште една демонстрација за тоа како режимот се пресметува со гласовите на отпорот.
Според сведоштвата на присутните, Мохамади била опколена од безбедносни структури во цивилна облека пред џамијата каде се одржувала комеморацијата и насилно внесена во возило, по што ѝ се губи трагот. Неколку локални и меѓународни организации известуваат дека полицијата употребила солзавец и сила против присутните, а покрај Мохамади биле приведени и други активисти и новинари. Нејзиното семејство и соработници велат дека се загрижени за нејзината безбедност и здравствена состојба, имајќи предвид дека таа зад себе има сериозни срцеви проблеми и сложени операции.
Норвешкиот Нобелов комитет остро ја осуди „бруталната апсење“ и побара итно ослободување на Мохамади, потсетувајќи дека ѝ беше доделена Нобеловата награда за мир во 2023 година за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и за промоција на човековите права и слободи за сите. Комитетот побара од иранските власти да ја објават нејзината локација и да гарантираат пристап до лекарска нега, оценувајќи дека со овој потег режимот испраќа директна порака до сите кои се осмелуваат да го критикуваат.
Мохамади поголемиот дел од последната деценија ја помина во затвор, осудувана во низа монтирани процеси за „пропаганда против државата“ и „загрозување на националната безбедност“ поради нејзината борба против задолжителниот хиџаб и против смртната казна. Во декември 2024 година таа беше пуштена на привремена слобода по операција на ногата и сериозни проблеми со срцето, но и од болнички кревет продолжи јавно да говори против репресијата. Во јули годинава Нобеловиот комитет предупреди дека иранските власти отворено ѝ се заканувале со „физичка елиминација“, што денешното апсење го прави уште поалармантно.
Поводот за собирот на кој Мохамади беше уапсена е исто така симптоматичен за состојбата во земјата. Адвокатот за човекови права Хосро Аликорди, познат по застапувањето на политички затвореници и семејствата на убиените во протестите по смртта на Махса Амини, беше пронајден мртов во својата канцеларија на 6 декември. Официјалната верзија зборува за „срцев удар“, но повеќе од 80 адвокати побараа независна истрага, посочувајќи сомнителни околности и претходни закани кон Аликорди. Мохамади јавно ја оспори официјалната верзија и повика на вистинска истрага – чекор кој, според нејзините поддржувачи, директно довел до нејзиното приведување.
Меѓународните организации за човекови права ја гледаат новата акција против Мохамади како дел од поширока офанзива против интелектуалците, новинарите и активистите во Иран. Репортери без граници, Радио Слободна Европа и други организации предупредуваат дека режимот систематски ги таргетира токму оние личности кои имаат видлив меѓународен профил, со цел да се испрати „пример“ до останатите. Зад решетки или под постојан притисок се и други истакнати правници и активисти, а случајот со Мохамади станува тест за тоа колку далеку е подготвен да отиде режимот во замолчување на критиката.
Семејството на Мохамади и нејзините соработници бараат итна реакција од меѓународната заедница и предупредуваат дека секоја минута помината во притвор е ризик за нејзиниот живот. Од Техеран, властите засега молчат – нема официјално соопштение за апсењето, ниту за тоа дали таа ќе биде вратена во затвор за да ја доиздржи претходната казна, или ќе се соочи со нови обвиненија.
Наргес Мохамади, која пред две години ја посвети својата Нобелова награда на „жените, децата и затворениците на совеста во Иран“, повторно е таму каде што режимот најмногу ја сака – зад ѕидови и решетки. Прашањето е колку светот ќе остане гласен за неа, откако камерите ќе се свртат кон следната криза.