На само неколку километри од Демир Хисар, во обично комбе со бугарски таблички, полицијата открила скриено културно богатство – делови од македонски народни носии кои се водат како културно наследство и се под посебна заштита. Наместо туристички сувенири, во комбето имало историја спакувана во вреќи.
Според информациите од МВР, вчера (9 декември) околу 11:50 часот на улица „Вељко Влаховиќ“ во Демир Хисар, полициските службеници од ОВР Демир Хисар ги лишиле од слобода А.К. (44), К.К. (48) и В.Г. (50), сите државјани на Бугарија. А.К. и К.К. биле фатени во „Фолксваген голф“ со бугарски таблички, додека В.Г. управувал комбе „Пежо боксер“, исто така со бугарски национални ознаки. Кај нив биле пронајдени повеќе предмети и делови од народни носии, за кои не успеале да докажат потекло и сопственост.
Пронајдените носии не се обична стока за пазар. Етнолог од Музејот во Битола извршил стручен увид и констатирал дека се работи за автентични делови од македонски народни носии, кои претставуваат културно наследство со забрана за промет и продажба без соодветна дозвола. Токму тој статус ги прави не само вредни, туку и строго заштитени – нивното нелегално изнесување од државата значи директен удар врз културната меморија.
Полицијата сомничи дека тројцата Бугари подготвувале шема за кражба и шверц на културни добра. Против нив ќе бидат поднесени кривични пријави за „кражба“ по член 235 и за „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по член 266 од Кривичниот законик. До целосно расчистување на случајот тие се задржани во полициска станица, а во координација со јавен обвинител ќе се утврдува дали зад ова стои поширока мрежа за трговија со културни предмети.
Случајот отвора и пошироко прашање – колку од сличните носии, икони и ракотворби низ годините ја напуштиле државата во багажници и комбиња, без јавноста воопшто да дознае. Овој пат, полицијата спречи едно полнување на туѓи музеи и приватни колекции со туѓа историја. Но вистинската битка допрва следува: да се затворат каналите за шверц, да се зајакне контролата и да се испрати јасна порака дека македонското културно наследство не е евтина стока за на пат.