Тројца млади скопјани, меѓу кои и еден малолетник, се приведени утрово поради сомневања поврзани со кражба на книги што се водат како сопственост на Државниот архив на Република Северна Македонија.
Како што соопшти МВР, на 6 јануари во 04:45 часот, на крстосницата на булеварот „Партизански Одреди“ и улицата „Московска“ во Скопје, полициски службеници ги лишиле од слобода Е.Д. (18), Х.Е. (19) и 17-годишник, сите од Скопје. По претходно добиени сознанија, било сопрено патничко возило „опел тигра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 18-годишниот, а при преглед во возилото биле пронајдени и одземени книги кои, според полицијата, се сопственост на Државниот архив.
Од МВР не соопштуваат колку книги биле пронајдени, ниту дополнителни детали за околностите под кои биле одземени. Случајот, велат, се документира и по целосно расчистување против приведените ќе биде поднесена соодветна пријава, а одземеното ќе биде вратено на сопственикот.