Јавното сообраќајно претпријатие пред неколку дена ја исклучило приградската линијата со број 33 која е единствена што директно го поврзува Долно Лисиче со општина Аеродром. Причина што автобусот кој сообраќа 12 години, а од кој зависи одењето на училиште на многу ученици, а и на граѓани за до нивните работни места е тоа што претпријатието нема доволно автобуси.
Жителите се гневни бидејќи тие и нивните деца трпат и секојдневно се снаоѓаат за нешто што им следува и што никој нема право да им го одземе, а тоа е редовниот автобуски превоз.
Тројцата возачи кој ја должат оваа линија останаа дома на принуден одмор. Средношколците кои учат во СМУГС „Панче Караѓозов“, од СУГС „Марија Кири Склодовска“, во хемиското училиште, а и во СУГС „Владо Тасевски“, кои ја користат оваа линија, бидејќи друг автобус кој сообраќа од Долно Лисиче и минува директно низ Горно Лисиче, па стасува до Центар, нема. Сега се снаоѓаат како знаат и умеат. Голем дел од учениците задоцнија на првиот училишен ден поради исклучување на оваа линија.
Оброзложението од директорот на ЈСП, Драган Кушовски е дека проблемите во претпријатието се решаваат во рамките на можностите.
„Проблемите кои ги имаме се решаваат во рамките на можностите и ресурсите кои ги имаме. Како што сум запознаен има друга линија што може да се користи. Линијата не е укината, но ќе проверам кога најбрзо може да се стави во функција“, вели директорот Кушовски за овој голем проблем кој ги затекна учениците на почетокот на школската година.
На официјалната страница на ЈСП си стои распоредот дека автобусот со број 33 вози иако линијата е исклучена.
Јавното сообраќајно претпријатие подолго време се соочува со недостиг на автобуси и со проблеми со превозот. Градоначалничката Данела Арсовска вели дека работата ја кочат советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои не сакаат да ја изгласаат програмата за работа на јавните претпријатија.
Премиерот Христијан Мицкоски за овој проблем изјави дека немањето превоз нема да се реши со набавка на нови автобуси бидејќи тоа е процес кој ќе трае и периодов повторно би имало проблеми со превозот.
Дел од медиумите објавија дека автобуската линија е исклучена бидејќи претпријатието немало доболно средства за регистрација на на возилата, но од ЈСП демантираа дека е тоа причината.
Ова е демантот на ЈСП кој го објавуваме во целост:
Не проверена е содржината изнесена во текстот, во која подвлекувате дека „Причина што
автобусот (погоре во текстот приградската линијата со број 33) кој сообраќа 12 години, а од кој
зависи одењето на училиште на многу ученици, а и на граѓани за до нивните работни места е тоа
што претпријатието нема пари за да го регистрира овој автобус, а друг за замена нема,
објави МКД. “. И во самата изјава на В.Д. Директорот на ЈСП Скопје Драги Кушовски, која ја
цитирате подолу не е наведено дека има проблем со регистрација на автобусот.
Тенденциозна е намерата дека постојано имаме случаи на редуцирани возни линии, земајќи го
предвид фактот дека просечната старост на автобусите е 13 години и оттука произлегува
потребата за набавка на нови автобуси во возниот парк на ЈСП. Имено, станува збор за редуциран
возен ред поради исклучување на автобус кој сообраќа неколку пати на тој реон, а причина е
технички неисправно возило, а не како наведеното дека се работи за финансиски проблем околу
регистарцијата на истото. Јавно сообраќајно претпријатие Скопје има предвидено средства за
регистрација на возилата во годишниот план за јавни набавки, и согласно тој имаме активни
договори за осигурување на моторни возила од автоодговорност и технички преглед.
Бараме демантот да биде објавен во целост, а текстот за којшто се однесува, да биде повлечен.