Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ученик ранил соученик со пиштол во сараевско училиште

Ученик во прва година во средното Машинско училиште во Сараево пукал во ученик од трета година во средното Металуршко училиште во 8 часот наутро во дворот на зградата во која се наоѓаат двете училишта, пред да започне наставата, пренесува „Н1“.

Повредениот ученик се здобил со полесни телесни повреди и е примен во Клиничкиот центар на Универзитетот на Сараево (КЦУС). Нема други повредени лица.

„Ги презедовме сите процедури предвидени со правилникот и законот, ја известивме полицијата, итната помош. Еден колега од моето училиште отиде со амбулантата во КЦУС како придружник на ученикот. Активен беше тимот за кризни состојби при Министерството за наука и образование на кантонот Сараево и имавме заедничка средба бидејќи потребен е повеќесекторски пристап за решавање на ваквите проблеми“, изјави Ирма Бехлуловиќ, директорката на средното Металуршко училиште во Сараево.

Според информациите на „Н1“, наставата во средното Металуршко училиште е прекината и се одржува состанок помеѓу директорите на двете училишта. Во средното Машинско училиште, пак, наставата се одвива регуларно.

„Според сознанија и изјави на други ученици, станува збор за ученик на Машинско техничко училиште од прва година. Немаме официјална потврда за идентитетот. Известена е Брзата помош и полицијата. Презедовме мерки согласно нашите надлежности за давање поддршка. Во нашето училиште наставата се одвива редовно. Според нашите сознанија, останатите ученици се добро, не се чувствуваат загрозено“, изјави Фарук Чуповиќ, директорот на средното Машинско училиште.

Во однос на тоа дали осомничениот ученик бил проблематичен, директорот Чуповиќ дополни дека не е пријавено никакво „неприфатливо“ однесување од учениците од прва година во изминатите два месеца.

Осомничениот ученик е под полициски надзор. Обвинител не дошол на местото на настанот бидејќи повредите биле полесни, но е информиран за случајот.

Зачлени се на нашиот е-билтен