Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Учителската школа во Скопје споменик на културата и прв расадник на наставен кадар

Од Учителската школа — некогашна педагошка образовна установа во кругот на денешна Општина Центар во Скопје останат е само порталот како споменик и сведок на минатото.

Учителската зграда била на четири ката, со еден главен влез – портал, преку кој влегувале само учителите, додека пак учениците влегувале преку спореден влез.

Зградата била во форма на квадрат со средишен атриумски дел, така што имало многу простории по периферијата на зградата и сите биле со природно осветлување. Учителската школа била дел од комплекс на повеќе згради, меѓу кои постоел и интернат.

Се наоѓала на просторот помеѓу Министерството за одбрана и бараките на општина Центар. На местото каде што денес се наоѓаат бараките на општина Центар бил училишниот двор, уреден парк со дрвја и клупи за одмор. Таму се наоѓала и бараката т.е портирницата на учителската школа.

Архитектонското обликување на објектот е јасно произлезено од неговата функција и конструкција. Функцијата е јасно читлива преку обликувањето на волумените кои го сочинуваат објектот.

Постои одредено академско влијание во фасадното обликување во пропорцијата и репетитивноста на прозорските отвори кои се протегаат низ целата височина на објектот.

Главниот портал на зградата со елементи на класичен архитектонски поредок, кој е во средината на една од фасадите, ја нагласува симетричноста во обликувањето на самиот објект, а катноста на објектот се отсликува и на самата фасада каде јасно е видлива поделбата по вертикала. Истиот архитектонски јазик е препознатлив и кај другите објекти кои биле во комплексот околу Учителската школа, како интернатот за учениците.

Хафиз Мехмед-паша, роден во Багдад, доаѓа во 1820 година во Скопје за скопски валија. Меѓу другото ,неговото внимание го посветува на образованието па почнува со градба на средното училиште “Идадија” во близина на Градскиот парк, кој е исто така е негово дело, во тоа време познат под името “Ислахански парк”.

Во средното осмогодишно училиште можеле да учат сите деца и од сите вероисповеди, учејки во дневно или вечерно училиште.

Набрзо потоа се претвора во гимназија, а во 1898 г. во Учителска школа. Во неа се создава кадар за потребите на образованието – учители така што во учебната 1913/1914 година таму завршиле 287 ученици.

На 9 април 1909 година турски офицери на импровизираното игралиште на полјанката зад некогашната Учителска школа во населбата Ислахане (Идадија) во Скопје го одиграле и првиот натпревар меѓу себе. Овој датум е прогласен за Ден на македонскиот фудбал.

Во 1935 Учителската школа е поплавенa од излевањето на Вардар. Kако спомен на таа непогода на едниот столб од порталот е издлабена годината и водостојот која го зафатила.

На 3 ноември 1944 во селото Горно Врановци, е донесена одлука за основање на Школата за народни учители во Скопје.

Школата за народни учители во Скопје официjално започнува со работа на 1 март 1945 година, со 13 наставници и 314 ученици во 9 паралелки.

Третиот кат бил интернат за женските ученици, со болнички стационар, a машките биле сместени во објектите во дворот на истата.

Подоцна од Учителска школа се преименува во Учителска школа “Никола Карев” – Скопје.

Во 1962 година реката Вардар по втор пат го поплавува училиштето, а веке следната година по катастрофалниот земјотрес во 1963 година зградата се урива,, оставајќи го само влезниот портал од Учителската школа, како нем споменик.

Во 2006 Општина Центар започна со иницијатива порталот од Учителската школа да претставува симболичен влез во новата општинска зграда, спечувајќи го така неговото пропаѓање од забот на времето.

Во 2016/2017 година беше планирана реизградба на некогашната Учителска школа во рамките на програмата за инфраструктурни инвестиции на МОН и Министерството за култура, каде беше предвидено да се сместат дел од повиските образовни институции како Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и Ликовнста академија од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Објавата на конкурсот за избор на идејно решение во септември 2016 беше во рамки на проектот „Скопје 2014“, па подоцна и не се спроведе, Портата на старата Учителска школа, која наоѓа во дворот на Општината Центар се обновуваше неколку пати.

Зачлени се на нашиот е-билтен