Шпекулациите дека октомври 2025 година ќе биде „новиот август“ со рекордно високи температури не се потврдуваат од официјалните долгорочни прогнози на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
„Долгорочниот сезонски изглед за оваа есен дава сигнали дека температурите на воздухот ќе останат во рамки на долгогодишниот просек. Единствено, мало позитивно отстапување е можно во ноември,“ изјави за Рацин.мк Александра Стевков, раководител на Одделението за климатологија и климатски промени при УХМР.
Сепак, прогнозите за врнежите се поразлични – есента 2025 ќе биде сушна. „Очекуваме подпросечни врнежи и на месечно ниво и за целата сезона во однос на долгогодишните просеци,“ вели Стевков.
Според долгорочните мерења, просечните есенски температури во Македонија за периодот 1981–2010 година се движеле од околу 8°C во планинските предели до 16,9°C во Гевгелија. Просечната есенска количина на врнежи, пак, се движела од 127 мм во Штип до 326,6 мм во Лазарополе.
Дополнително, во октомври низ годините се бележат и температурни екстреми. Највисоката измерена температура за овој месец изнесува 35,4°C во Демир Капија.
Заклучокот на експертите е јасен: есента ќе биде вообичаена во однос на температурите, но посува од просекот – без простор за драматични споредби со август.