УХМР почна најобемен мониторинг на Вардар: Водите ќе се анализираат на 170 локации

Управата за хидрометеоролошки работи започна сеопфатен мониторинг на квалитетот и количеството на површинските и подземните води во сливот на реката Вардар. До крајот на 2026 година стручните тимови треба да спроведат теренски мерења, земање примероци и лабораториски анализи на вкупно 170 локации.

Мониторингот опфаќа 80 локации на површински води и проверка на податоците од 90 станици за следење на подземните води. Сливот на Вардар е најголемиот и најзначајниот речен систем во Македонија и опфаќа повеќе од 80 проценти од водните тела што се предмет на анализата.

Мерењата се спроведуваат според нова национална програма со која се утврдени локациите, параметрите и методологијата за следење на водите. Документот е подготвен од Швајцарската програма за управување, користење и заштита на водите, УХМР и меѓународни експерти, како дел од поширока стратегија за воспоставување долгорочен национален систем за мониторинг.

Директорот на УХМР, Игор Лазаровски, изјави дека резултатите треба да покажат каква е реалната состојба на водите, каде се наоѓаат најзагрозените подрачја и кои мерки се потребни за нивна заштита. Анализите треба да опфатат показатели за загадување, промени во количеството на водата и состојбата на подземните резерви.

Засега не се објавени резултати за квалитетот на водата на одделните мерни места. Тековната активност претставува собирање и обработка на податоци, поради што од самиот почеток на мониторингот не може да се заклучи дали состојбата на Вардар и неговите притоки е подобрена или влошена.

Европската комисија во Извештајот за Македонија за 2025 година предупреди дека непречистените отпадни води и испуштањата од поголемите градови остануваат главни извори на загадување на реките. Комисијата нотираше дека плановите за управување со речните сливови и надградената стратегија за мониторинг не биле усвоени, додека слабите административни и технички капацитети и големата зависност од донаторска поддршка го отежнуваат спроведувањето на политиките за водите.

Во истиот извештај се наведува дека државата треба да го зајакне инспекцискиот и казнениот систем, да го усогласи законодавството со европските директиви и да обезбеди одржливо финансирање на водната инфраструктура. Недостигот од стратегија за управување со тињата и необележувањето на чувствителните подрачја дополнително го ограничуваат третманот на отпадните води според европските стандарди.

Новата програма треба да овозможи водните политики да се темелат врз измерени податоци, наместо врз повремени анализи и процени. Преку следењето на истите точки во подолг период ќе може да се утврдуваат трендовите, да се лоцираат изворите на загадување и да се проценува влијанието на индустријата, земјоделството, урбаните отпадни води и климатските промени.

За следење на подземните води, УХМР доби 14 пиезометри – инструменти со кои се мери нивото и движењето на подземната вода. На Управата ѝ биле донирани и современа лабораториска опрема и две теренски возила, со вкупна вредност од околу 250.000 швајцарски франци.

За националното кофинансирање на мониторингот се обезбедени околу 440.000 швајцарски франци преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Преостанатите средства се обезбедени од Швајцарија преку Програмата за води.

Податоците ќе се користат при подготовката на првиот План за управување со сливот на Вардар за периодот 2028-2033 година. Министерството за животна средина предвидува документот да содржи процена на состојбата на водите, извори на притисок, приоритетни подрачја и програма со мерки за заштита и одржливо користење на сливот.

Најчитано