УЈП го објави документот „Демистификација на листата на должници“. Тоа е најнова листа која се однесува на долговите доспеани до 30.9.2024 и неплатени до 31.12.2024.
Листата вклучува вкупно 1.958 правни лица и 3.914 физички лица, кои заедно должат повеќе од 11,3 милијарди денари даноци и придонеси. Од УЈП истакнаа дека 70% од правните лица должници се всушност без каква било активност во целата 2024 година:
„Впечатливо е тоа што огромен дел од должниците што се повторуваат, не покажуваат никаква активност за исполнување даночни обврски, што дополнително го комплицира процесот на наплата на нивните долгови. Од 1.958 правни лица, 1.432 или 70%, во 2024 година немаат ниту една активност за исполнување даночни обврски – немаат поднесено даночен биланс за 2023 година, немаат ДДВ пријави, немаат вработени или исплатени плати. Практично, овие фирми постојат само „на хартија“. Тука прво прашање е како УЈП може да ги наплати долговите од овие должници што практично се „мртви“. Второ прашање е дали УЈП пропуштила навреме да ги наплати овие долгови. Трето прашање е дали овие фирми свесно се довеле во некаква „кома“ за да го избегнат плаќањето на својот долг кон државата“, соопшти УЈП.
Тие велат дека во рамките на списокот, посебно внимание заслужуваат најголемите 100 должници – 96 правни лица и четири физички лица, кои заедно должат над седум милијарди денари, или 62 отсто од вкупниот долг за даноци и придонеси.
Според институцијата, има доста простор за зајакнување на капацитетите за наплата на заостанати
даночни долгови, за што новиот Стратешки план на УЈП 2025 – 2027 содржи иницијативи
и проекти, како што се:
-дигитализација и автоматизација на процесите, вклучително и воведување систем за
електронско следење и управување со предмети, за да се спречат пропусти и
субјективизам
-воведување ново даночно сметководство, за да се обезбедат ажурни и реални
состојби за долговите
-воведување на Центар за даночно извршување, за да се зајакне специјализацијата и
стручниот капацитет
-законски измени за зајакнување на законските овластувања на УЈП
Од УЈП заклучуваат дека „Листата треба да овозможи јавноста во актуелен момент да знае кои должници мора да бидат вистински таргет на УЈП за впаричување на нивните долгови и надоместување на
буџетските загуби. Со ова, листата може да стане вистински ефективен инструмент за
јавен притисок врз неплаќачите на данок“.
Сподели