УЈП присилно наплати 314 илјади евра даночни долгови за седум месеци

Управата за јавни приходи (УЈП) во периодот од 1 јануари до 31 јули 2025 година успеала да наплати 19.419.411 денари, односно околу 314.230 евра, преку електронски аукции на движен и недвижен имот на даночни должници – физички и правни лица.

Според официјалните податоци, во овој период на јавни е-аукции бил продаден недвижен имот со вкупна површина од 302 квадратни метри, меѓу кои стан од 72 м² во Охрид, деловен простор од 111 м² во Струмица, земјиште од 103 м² во Прилеп и просторија на мезанин од 17 м² во Скопје. Вкупната продажна вредност на недвижностите достигнала 13.289.807 денари (215.045 евра).

Дополнително, на одделни месечни аукции биле продадени 26 движни предмети, меѓу кои патнички и товарни возила, како и 10 машини за шиење и кроење, со вкупна вредност од 6.129.604 денари (99.177 евра).

Државата се стекна со имот по две неуспешни аукции
Во случаите кога имотот не се продаде на две е-аукции, истиот преминува во државна сопственост, а долгот на должникот се намалува за 50% од проценетата вредност. Така, во првите седум месеци од годинава, државата добила деловна просторија во Прилеп (21 м²), земјоделско земјиште во Кавадарци (13.333,92 м²), деловен простор и викендица во Струмица (вкупно 350 м²) и два стана во Битола (по 93 м²), со вкупна проценета вредност од 33.176.370 денари (536.794 евра).

Од УЈП нагласуваат дека е-аукциите се дел од законската постапка за присилна наплата на долгови, спроведени транспарентно преку јавна веб платформа.

„Апелираме до сите граѓани и компании навремено да ги исполнуваат своите даночни обврски. Неплаќањето носи камати, казни, постапки за присилна наплата и во крајна линија – одземање на имот“, предупредуваат од Управата.

Со навремено плаќање на даноците, додаваат, се обезбедува стабилен државен буџет, функционални институции и подобри услови за живот за сите граѓани.

Зачлени се на нашиот е-билтен