Стружани повторно можат да ја користат водата од изворот Шум

По еден месец ограничувања, од денеска е укината забраната за користење на водата од изворот Шум во Струга. Од Центарот за јавно здравје информираат дека последните анализи покажале дека матноста на водата е вратена во дозволените граници и дека граѓаните повторно можат да ја користат. 

Сепак, надлежните институции нагласуваат дека состојбата и понатаму внимателно ќе се следи. Во наредниот период ќе продолжи земањето примероци од водата од изворот Шум, со цел редовно да се контролира квалитетот и безбедноста на водоснабдувањето. 

Во текот на инспекцискиот надзор било утврдено дека во близина на изворот се вршеле активности поврзани со ископ на минерали, а било констатирано и дека Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ користело вода од изворот без соодветна дозвола. 

Градоначалникот на Струга изјави дека општината во моментов нема потреба од финансиска помош, туку се работи на утврдување на причините што довеле до зголемена матност на водата. Воедно, општината веќе испратила предлози до Владата за решавање на правните прашања, меѓу кои и прогласување на заштитена зона околу извориштето. 

За целиот случај е отворен и предмет од страна на Обвинителството, кое треба да утврди дали имало пропусти или незаконски активности што довеле до загадување на водата.

Зачлени се на нашиот е-билтен