Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Укинувањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинтели е најава за уште една импровизација и за опасен преседан

Ако укинувањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е само реформа заради реформа, тогаш тоа е импровизација и може да биде опасен преседан, оценуваат експертите.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Иако најавено за време на изборната кампања, немерата на ВМРО-ДПМНЕ да ги укине Судскиот совет и Советот на јавни обвинители како нивна замисла за реформи во правосудството, стама актуелни со писмото на министерот за правда Кренар Лога до Брисел, Вашингтон и до амбасадите на некои од земјите со дипломатско претставништво во Северна Македонија.

Во писмото Лога најавува ,,упад”, кој се подготвува од новото парламентарното мнозинство во правосудниот систем. Лога објаснува дека „паралелно со најавите за реформа на органите на управата и реорганизација на министерствата, владеачкото мнозинство соопшти дека подготвува и пакет закони со кои ќе се распуштат двете уставни и независни категории – Судскиот совет и Советот на јавните обвинители“.

За министерот за правда, изјавите од партиски функционери во врска со оваа намера „се неприфатливи и недозволиви не заради одбрана на поединци во овие органи, туку за независноста и непристрасноста на овие институции за кои имаме добиено извештај од Оценската мисија каде точно е наведено што треба да се преземе од страна на органите на државата за подобрување на состојбите во судството“.

Секако, и покрај предупредувањето на министерот во заминување, премиерот во доаѓање на прес конференција во Собранието дека ќе има „упад“, но дека тој „упад“ ќе бил „кај оние малкумина партизирани судии и обвинители, кои што, за жал влијаат негативно врз оние судии и обвинители кои што си ја вршат работата согласно закон и устав“.

Мицкоски уште нагласи дека дека тоа, односно овие „реформи“ во правосудството „се содржани во програмата ‘Платформа 1198’, која на изборите доби повеќе од половина милион гласови, и дека тој легитимитет од изборите ни дава за право да постапуваме никако поинаку, освен она што е содржано во таа програма“.

Но, што значи конкретно укинувањето на овие две „контролни“ тела во правосудниот систем и дали е тоа толку едноставно и какви „последици“ може да предизвика, се дел од прашањата за кои Рацин.мк им ги упати на проф. д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет на УКИМ и на Александра Цветановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Ризик од опасен преседан

Александра Цветановска, претседателка на МЗМП, вели дека најавите за „распуштање“ на особено Судскиот совет и во помала мера Советот на јавни обвинители со измена на законите со кои се уредени овие две тела не се од сега.

„Минатата година Министерот за правда изјави дека ќе предложи измени на Законот за судски совет со кој ќе престане мандатот на постојните членови на Судскиот совет и дека ќе се пристапи кон избор на нов состав на ова тело. Сепак, по консултација со правни експерти Министерот се повлече од оваа идеја“, информира Цветановска.

Таа вели дека причината за ова повлекување на иницијативата е мошне едноставна.

„Мандатот, т.е. траењето на периодот за кој се избрани членовите на Судскиот совет е уреден со Уставот  и како таков не може да биде прекинат со закон. Според Уставот мандатот на избраните членови на Судскиот совет трае шест години, со право на уште еден избор.  Уставот точно, упатува на уредување на „основите и постапка за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот“ што впрочем и е направено со Законот за СС од 2019. Сепак, според формулацијата на оваа одредба, таа упатува на индивидуализирање на одговорноста на поединечен член од советот. Односно, не создава можност за со закон да се утврди престанок на функцијата на сите членови без претходно утврдување основ и во соодветна постапка. Од друга страна уставната положба на Советот на јавни обвинители е послаба. Уставот го делегира уредувањето на меѓудругото и мандатот на членовите на уредување со Закон“, објаснува Цветановска.

Претседателката на Македонското здружение на млади правници Цветановска укажува дека „покрај овие уставни ограничувања, тука е и ризикот од воспоставување на мошне опасен преседан“.

„Ова навестува дека било која идна власт, независно од индивудалната одговорност на членовите на овие тела (особено имајќи во предвид дека имаше членови кои апсолутно се спротиставуваа на сите незаконски дејствија) ќе може да ги распушта што ќе предизвика правна несигурност и ќе го загрози владеењето на правото“, нагласува Цветановска.

Во таа насока Александра Цветановска од МЗМП, вели дека „токму поради овие причини, Блупринт групата за реформи во правосудството не повика на распуштање со закон туку на колективна оставка како личен чин на одговорност, независно што веројатноста тоа да се случи за жал е минимална“.

„Излез од оваа криза е единствено можна со спроведување на препораките од оценската мисија и со избор на членовите кои не се судии врз основа на строги критериуми и во јавна и транспарентна постапка“, препорачува Александра Цветановска, претседателка на Македонското здружение на млади правници.

Реформи заради реформи е импровизација

За најавата на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања дека ќе ги укинат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, универзитетскиот професот Гордан Калајџиев во изјава за Рацин.мк вели дека сето тоа му личи како на уште една импровизација со реформите во правосудниот систем.

„Импровизираат, а не знаат дека тоа е само за мајстори на џезот“, вели Калајџиев.

Калајџиев оценува дека реформите заради реформи се дилентатизам, а за да го видинме резултатот од тоа доволно е да погледнеме каква е состојбата во правосудството која може да се оцени како хаос или анархија.

На прашањето дали има излез од оваа ситуација, професорот Калајџиев за Раци.мк вели дека треба да се разбере дека „нема брз излез и дека резултати се можни само доколку се тргне политиката од судовите“

Професорот на Правниот факултет вели дека во земја во која нема култура на владеење не постои модел којшто би бил функционален, па затоа она што е неопходно да се направи како прв чекор да се тргне политиката од судовите, иако тој е песимист по ова прашање.

Треба да знаете
Moже да ве интересира