Украина: Двајца цивили намерно убиени со руски дронови

Украинските власти рекоа дека руските сили самите го снимиле нападот, наводно за да ги користат сликите за пропаганда и да ја обвинат Украина.

Украинските воени функционери денеска соопштија дека руските сили намерно убиле двајца невооружени цивили со дронови на далечинско управување во источниот регион Харков.

Тврдењето доаѓа откако украинска единица објави видео на Фејсбук на кое се гледаат двајца мажи како одат по улица. Најпрво, еден маж кој носи бело знаме и куче на поводник е убиен од дрон. Потоа, вториот маж, кој се прекрстува, е погоден од друг дрон.

Нападот наводно се случил во понеделникот во близина на селото Крухлиакивка, кое е под руска контрола. Регионалното обвинителство почна истрага за потенцијално воено злосторство. Автентичноста на видеото не може да биде независно потврдена, нагласува ДПА.

Руските медиуми претходно објавија снимки од истиот инцидент, тврдејќи дека цивилите биле убиени од украински дронови посеверно во близина на Петропавливка, при што мажите наводно биле цел додека се движеле кон руските позиции.

Украинските власти рекоа дека руските сили самите го снимиле нападот, наводно за да ги користат сликите за пропаганда и да ја обвинат Украина.

Русија постојано негира дека таргетира цивили во војната, тврдејќи дека напаѓа само воени цели. Сепак, експертите за човекови права на Обединетите нации минатиот месец изјавија дека Русија е вклучена во „систематски“ напади со дронови кои првенствено имаат за цел ширење „терор“ меѓу цивилите.

Украина се брани од руската инвазија повеќе од три и пол години.

Зачлени се на нашиот е-билтен