Голем пожар избувна ноќеска на гасно-преработувачкиот комплекс „Лукоил–Коробковски“ во градот Котово, Волгоградска област, по масовен напад со беспилотни летала врз руска енергетска инфраструктура. Руското Министерство за одбрана соопшти дека соборило 19 дронови, од кои девет над Волгоград, додека гувернерот Андреј Бочаров потврди пожари на објекти од енергетскиот сектор во регионот; независни руски канали и локални жители конкретизираа дека гори токму фабриката на „Лукоил“.

Според првичните извештаи, на местото на ударот се забележани повеќекратни жаришта, а пожарната активност е регистрирана и од сателитскиот систем FIRMS на НАСА, објави „Астра“. Локални канали наведуваат и пожар кај пумпната станица „Ефимовка“ во истиот регион, но за овие информации руските власти засега не даваат детално потврдување. Нема официјални податоци за жртви.
Киев официјално не ги коментира поединечните напади внатре во Русија, но украинските медиуми ги опишуваат ноќешните дејства како дел од континуираната кампања за деградирање на руските енергетски капацитети и логистика, чија мета се рафинерии, терминали и гасни постројки длабоко зад фронтот. Руското Министерство за одбрана тврдеше дека оваа недела пресретнало повеќе од 250 украински дронови во координиран налет, што се вклопува со низата извештаи за чести прекини и пожари на нафтно-гасни објекти.
Експертите предупредуваат дека ударите врз гасно-нафтената преработка имаат брз пазарен ефект поради домино-ефектот врз снабдувањето со ЛПГ, стабилизиран бензин и другите деривати. Украинските и меѓународни извори повеќе пати нотираа недостиг на гориво и ценовни притисоци по серија пожари во Русија од крајот на летото наваму; ноќешниот настан во Волгоград дополнително ја нагласува ранливоста на инфраструктурата, и покрај зголемената противдронска одбрана.
Додека истрагата во Русија формално ја припишува огнената стихија на „паднати остатоци од соборени дронови“, украинските медиуми и независните канали посочуваат на директен погoдок на периметарот на „Лукоил–Коробковски“. До заклучување на текстот, „Лукоил“ не објави официјална проценка на штетата или рок за нормализација на производството.