Кои се безбедносните гаранции за Украина? Протекуваат детали за можен договор, американско оружје и 100 милијарди долари се во прашање

Во документот не се прецизира точно какво оружје планира да набави Украина, но Киев јасно стави до знаење дека сака најмалку десет американски системи за воздушна одбрана „Патриот“ за да ги заштити своите градови и критична инфраструктура, заедно со дополнителни ракети и друга воена опрема.

Украина ќе се обврзе да купи американско оружје во вредност од 100 милијарди долари, финансирано од европски фондови, во обид да добие безбедносни гаранции од САД по потпишувањето на мировниот договор со Русија, според документ што го виде „Фајненшл тајмс“ (FT).

Според предлогот, Киев и Вашингтон би склучиле и договор вреден 50 милијарди долари за производство на беспилотни летала, во соработка со украинските компании што ја развија технологијата по почетокот на руската инвазија во 2022 година.

Киев ги сподели претходно необјавените предлози со Соединетите Држави во документ со клучни точки за разговор, кој беше дистрибуиран до европските сојузници пред состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа во понеделник, велат извори запознаени со содржината.

Документот не открива колку од договорот за беспилотни летала вклучува набавка и колку инвестиции. Според „Фајненшл тајмс“, предлогот е дизајниран да се совпадне со ставот на Трамп дека американската индустрија мора директно да има корист.

Запрашан за американската воена помош за Украина, Трамп во понеделник во Белата куќа рече: „Ние не даваме ништо. Ние продаваме оружје“.

Прекин на огнот и условување

Документот детално опишува како Киев планира да понуди контрапредлог на Соединетите Американски Држави, откако Трамп, по состанокот со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, се приближи до руските позиции за прекин на војната.

Тој го повторува барањето на Украина за прекин на огнот – нешто што Трамп претходно го поддржуваше, но го напушти по разговорите со Путин, одлучувајќи се за сеопфатен мировен договор.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц му рече на Трамп за време на состанокот со Зеленски и европските лидери во Вашингтон дека прекинот на огнот е неопходен пред следните чекори:

„Не можам да замислам дека следниот состанок би можел да се одржи без прекин на огнот. Ајде да работиме на тоа и да извршиме притисок врз Русија, бидејќи кредибилитетот на сè што правиме денес зависи барем од тоа“.

Во документот јасно се наведува дека „трајниот мир не смее да се базира на отстапки кон Путин, туку на силна безбедносна рамка што ќе спречи идна агресија“. Исто така, се истакнува дека снимките емитувани во руските медиуми покажуваат дека Кремљ не е сериозен во врска со евентуален мировен договор и дека го потценува лидерството на Трамп, потсетувајќи на навредливите коментари на рускиот ТВ водител Владимир Соловјов против американскиот претседател.

Ставот на Украина

Според документот, Украина отфрла каков било договор што вклучува територијални отстапки кон Русија и инсистира на прекин на огнот како прв чекор кон сеопфатен договор.

Исто така, Киев го отфрли предлогот на Путин презентиран на Трамп во Алјаска за „замрзнување“ на сегашната фронтова линија доколку украинските сили се повлечат од делумно окупираните области Донецк и Луганск. Се предупредува дека ова би ѝ обезбедило на Русија „отскочна даска за понатамошно и брзо пенетрација кон Днепар“ и би отворило пат за Москва да „ги постигне своите цели на агресија со други средства“.

Украина, исто така, бара Русија целосно да ја надомести за воените штети, потенцијално преку 300 милијарди долари руски државен имот замрзнат на Запад. Според документот, санкциите против Русија би можеле да бидат укинати само ако Москва целосно се придржува до мировниот договор.

Трамп и идните чекори

Трамп, кој вчера се сретна со Зеленски во Вашингтон, оцени дека денот на преговорите во Белата куќа бил „многу успешен“ и нагласи дека има простор за договор меѓу САД, Украина и Русија. Тој најави можност за трилатерален состанок за дефинирање на условите на идниот мировен процес.

„Постои оптимизам, верувам дека заедно ќе постигнеме договор што ќе ја одврати секоја идна агресија врз Украина“, рече Трамп.

Тој додаде дека преговорите ќе вклучуваат „можни размени на територии“, но истакна дека ова е многу сложено прашање кое бара внимателен пристап.

Иако призна дека моментално не е во сила прекин на огнот, Трамп рече дека „мировниот договор е остварлив и може да се постигне во блиска иднина“.

Зеленски потврди дека Трамп ќе се обиде да организира трилатерален состанок и додаде дека Украина би била задоволна доколку претседателот на САД лично учествува на него.

Трамп рече дека е само прашање на време кога тоа ќе се случи и најави дека наскоро ќе разговара со Путин по телефон за одржувањето на состанокот. Тој не ја исклучи можноста за испраќање американски војници во Украина за спроведување на евентуален договор.

По разговорот со Зеленски, во Белата куќа се одржа поширок состанок со европските лидери. Украинскиот претседател рече дека имал „многу добар разговор“ со Трамп и дека во таа пригода биле дискутирани „многу чувствителни прашања“.

Зачлени се на нашиот е-билтен