Украинската војска објави дека започнала нов напад врз руската нафтена индустрија, насочен кон рафинеријата во Рјазан, околу 200 километри југоисточно од Москва. Штабот во Киев објави на социјалните мрежи дека е откриен погодок во фабриката, додавајќи дека рафинеријата ги снабдува руските вооружени сили.
Гувернерот на Рјазанската област, Павел Малков, за Телеграм изјави дека остатоците паднале врз областа на индустрискиот погон, но дека немало жртви или поголема материјална штета. Во текот на ноќта, над таа област биле соборени 29 украински дронови, рече гувернерот, додавајќи дека една станбена зграда е оштетена, но дека пожарот што избувнал на покривот брзо бил изгаснат.
Сепак, непотврдени видеа и фотографии што циркулираат на социјалните медиуми наводно покажуваат пожар во областа околу блиската рафинерија за нафта и удар во покривот на облакодер. Рафинеријата во Рјазан ѝ припаѓа на групацијата „Роснефт“ и веќе беше уништена кон крајот на октомври во напад од украински дрон.
Украина се бори против руската инвазија речиси четири години. Во последните недели, таа постојано ја напаѓа руската нафтена и гасна индустрија, обидувајќи се да ги намали залихите на гориво за војската и да ги исцрпи државните финансии што се користат за продолжување на војната.

