Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, кој учествуваше на состанокот со американската делегација во Џеда, ги соопшти деталите од договорот со Американците.
„САД и Украина презедоа важни чекори кон траен мир за време на денешниот состанок во Џеда, Саудиска Арабија, кој се одржа под покровителство на престолонаследникот Мохамед бин Салман. Двете страни ја пофалија храброста на украинскиот народ во одбраната на својата земја и се согласија дека сега е вистинското време да се започне процесот кон траен мир.
Украинската делегација изрази благодарност до претседателот Трамп, американскиот Конгрес и американскиот народ за нивната поддршка во постигнувањето напредок кон завршување на конфликтот.
Украина, исто така, ја потврди подготвеноста да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да се продолжи со взаемна согласност на сите страни, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе.
САД ќе и пренесат на Москва дека реципроцитетот е клучот за постигнување мир и веднаш ќе ја укинат паузата во споделувањето разузнавачки информации и ќе ја вратат безбедносната помош за Украина. Делегациите разговараа и за хуманитарните напори, вклучително и размена на воени заробеници, ослободување на притворените цивили и враќање на насилно земените украински деца.
Беше договорено двете страни да назначат преговарачки тимови и веднаш да започнат преговори за долгорочен мир, кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Украина.
САД ветија дека ќе ги претстават овие предлози пред руските претставници, додека Украина нагласи дека европските партнери ќе бидат вклучени во мировниот процес.
„Конечно, американскиот и украинскиот претседател се согласија да склучат договор за развој на клучните минерални ресурси на Украина што е можно поскоро со цел да се зајакне украинската економија, да се надоместат трошоците за американската помош и да се обезбеди долгорочна безбедност и просперитет на Украина“, најави Умеров.