Истрагата на украинската невладина организација Truth Hounds го идентификуваше рускиот извршител на нападот во кафуле во источниот украински град Краматорск во јуни 2023 година, во кој загинаа 13 лица, и цивили и воени. Истражувачите тврдат дека нападот бил воено злосторство, пренесува Кијив Индипендент.
Нападот наводно бил насочен кон војниците во кафулето, но според Truth Hounds, огромниот деструктивен потенцијал на ракетата Искандер-К користена во нападот и времето на нападот укажуваат дека со нападот не можело да се направи разлика меѓу цивили и војници и на тој начин претставува воено злосторство.
Од типот на ракетата и насоката на патување, Truth Hounds ја идентификуваше воената единица што го изврши нападот, 47-та ракетна бригада со седиште во Краснодарскиот крај во југозападна Русија и одговорниот командант, полковник Виталиј Бобир.
Истрагата на Truth Hounds, исто така, посочува и други руски напади, наводно дизајнирани да ги таргетираат украинските војници, но, во пракса, убиле голем број цивили. Truth Hounds заклучи дека моделот на напади покажува „целосно непочитување на руските вооружени сили кон потенцијалните цивилни жртви“.
Меѓу 13-те жртви на рускиот напад на Краматорск во јуни 2023 година, беше и Викторија Амелина, позната украинска авторка која стана иследник за воени злосторства. Амелина им се придружи на Truth Hounds по целосната инвазија на Русија на Украина за да ги искористи своите раскажувачки и истражувачки способности за да ги документира руските воени злосторства.
Извор: Фронтлајн / Ј. Ѓ.