Украински територијален напредок: 201 км² за 4 дена

Украински територијален напредок е забележан на фронтот меѓу 11 и 15 февруари, кога украинските сили повторно презеле контрола врз околу 201 квадратен километар територија што била под руска контрола, главно на секторот источно од градот Запорожје, покажува анализа базирана на проценки на Институтот за проучување на војната (ISW).

Според истите проценки, станува збор за најбрзо враќање територија во толку краток период уште од украинската контраофанзива во јуни 2023 година, а обемот е речиси еднаков на руските територијални добивки за целиот декември.

Локациски, најголемиот дел од повторно освоената зона е концентриран околу 80 километри источно од Запорожје, токму во појас каде што руските сили, според анализите, од средината на 2025 година имале значителен напредок.

Во објаснувањето „како“ дошло до ваков пресврт, ISW наведува дека украинските контранапади веројатно го искористиле неодамнешниот прекин во пристапот на руските сили до системот Starlink, за кој руски воени блогери тврделе дека им создал проблеми со комуникацијата, командувањето и надзорот на бојното поле.

Набљудувачи, се додава, забележале нарушувања во работата на Starlink-антените што ги користеле руските единици на првата линија на 5 февруари, по најави за „мерки“ со кои би се ограничило користењето на технологијата од страна на руските сили. Киев претходно тврдеше дека руски дронови го користеле Starlink за да ги заобиколат системите за електронско попречување и прецизно да погодуваат цели.

Истовремено, проценките во истите извештаи укажуваат дека во средината на февруари Русија целосно или делумно контролирала околу 19,5% од територијата на Украина, наспроти 18,6% една година порано, додека околу 7% (вклучително Крим и делови од Донбас) биле под руска контрола и пред инвазијата во февруари 2022 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен