Украинскиот парламент денес го ратификуваше договорот за економска соработка со Соединетите Американски Држави, кој предвидува формирање заеднички инвестициски фонд — клучен чекор за искористување на природните ресурси на Украина.
„Парламентот го одобри договорот — 338 пратеници гласаа ‘за’. За ратификација беа потребни 226 гласови“, соопшти пратеникот Јарослав Железњак преку Телеграм. Ниту еден пратеник не гласал против, ниту се воздржал.
„Украинскиот парламент го ратификуваше договорот за историско економско партнерство меѓу Украина и САД“, напиша и министерката за економија, Јулија Свириденко, на мрежата X, пренесе агенцијата Франс-прес.
Договорот се однесува на експлоатација на минерали, нафта и гас на територијата на Украина, која е под руска инвазија повеќе од три години. Сепак, не содржи никакви безбедносни гаранции за Киев, и покрај тоа што украинската влада претходно инсистираше на такви одредби.
Министерката Свириденко изјави дека се надева оти договорот ќе ѝ овозможи на Украина да добие дополнителна воена помош од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој јавно се залага за завршување на војната во Украина.
Американското Министерство за финансии на 30 јуни соопшти дека, по неколкунеделни тешки преговори, Вашингтон и Киев потпишале договор за формирање „Инвестициски фонд за реконструкција“ на Украина. Овој договор, според американската страна, ќе ѝ овозможи на САД пристап до украинските природни ресурси.
Потпишувањето на договорот следуваше по неколку недели тензии меѓу Киев и Вашингтон, кои кулминираа со вербална расправија меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба, кон крајот на февруари.