Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Унгарците протестираат: Да се стави крај на владината пропаганда во медиумите

Илјадници луѓе денеска се собраа во Будимпешта пред централата на Унгарската државна медиумска компанија (MTVA), барајќи крај на „владината пропаганда“ во медиумите.

Државната телевизија MTVA долго време е обвинувана дека е гласник на премиерот Виктор Орбан, ретко објавувајќи критички вести за неговите постапки и критикувајќи ги сите кои се сметаат за негови противници.

Денешниот протест беше организиран од партијата ТИСА на опозицискиот лидер Петер Маѓар. „Нашето трпение се исцрпи, време е да ги расчистиме сметките“, изјави Маѓар пред демонстрантите. На некои од плакатите кои ги носеа демонстрантите беше напишано „Независни јавни медиуми“.

Маѓар се осврна на како што рече, штетата што „фабриката за пропаганда“ на Орбан и ја направи на унгарската демократија.

– Она што постои овде во Унгарија во 2024 година и се нарекува себеси „јавни медиуми“ е глобален скандал, рече Маѓар пред насобраните. Доста со гадости, доста со лаги, доста со пропаганда, рече тој.

Маѓар побара оставка од директорот на унгарскиот јавен сервис и ги повтори поплаките на многу опозициски политичари дека не им се дава можност да излезат на државната телевизија за да комуницираат со гласачите.

Во мај државната телевизија ја организираше првата предизборна дебата од 2006 година, откако Маѓар се закани дека ќе организира протести пред централата.

На европските избори во јуни, ТИСА освои речиси 30 проценти од гласовите, позиционирајќи се на второ место, веднаш по партијата ФИДЕС.

Зачлени се на нашиот е-билтен