Среде вестите за забрзано гасење на слободите во Унгарија, примерот на „1%“ открива дека добри законски решенија носат добри резултати и во релативно „непријателска“ околина за независните медиуми. Отсуството на комерцијални, а уште повеќе на „државни“ извори за финансирање за медиуми кои се критички кон власта, ги тера медиумите да се обратат кон своите поддржувачи, кон публиката за помош и овозможување одржливост.
Васко ЛАЗАРЕВСКИ*
Според унгарскиот закон за еден процент од данокот, секој даночен обврзник може да побара еден процент од неговиот данок на доход (за претходната година) да биде даден за поддршка на активности на некоја непрофитна организација. Исто така, уште еден процент од данокот може да биде даден на црковна / верска организација. Во 2024 година во Македонија, од данокот на личен доход, во државната каса треба да влезат високи 31,1 милијарди денари, или речиси 506 милиони евра. Еден процент од оваа маса на пари изнесува нешто над 5 милиони евра.
Процедурата за доделување на средствата е едноставна и им овозможува на унгарските даночни обврзници да ги поддржат оние организации и каузи во кои веруваат без при тоа да се изложат себеси на дополнителни трошоци.
Според податоците за 2023 година, дел од најголемите добитници од данокот за еден процент се: Унгарскиот Хелсиншки комитет, Фондацијата Менедехаз (организација која е посветена на поддршка на бегалците и барателите на азил), Фондацијата Централно европски универзитет, разни цркви и верски организации, Унгарската национална програма за таленти (има за цел да ги поддржи талентираните млади поединци во нивниот образовен и професионален развој) и други непрофитни организации.
Независните медиуми и моќниот 1%
Соочени со ограничен пристап до комерцијални начини за финансирање и илиберална власт која нема никаков интерес во поддршка на независните и прогресивни медиуми, како и инфлација која во Унгарија достигна 25 проценти на почетокот на 2023 година, многу независни медиуми во Унгарија изразија загриженост за способноста на луѓето да ја задржат својата стапка на донации.
Сепак, медиумите кои основале фондација или непрофитна организација можеле да го користат унгарскиот закон од 1 процент, кој им дозволува на даночните обврзници да донираат процент од даноците на доход за поддршка на активностите на непрофитна организација. Организациите стануваат подобни по три години на работа, а овие донации можат да обезбедат дополнително финансиско олеснување од публиката која сака да донира за достојна цел без дополнителни трошоци.
Случајот Партизан
По лансирањето на Партизан како независна телевизиска станица на YouTube во 2017 година, водителот и главен уредник Мартон Гуљас, барајќи извори за финансирање на Партизан посветува особено внимание на можноста да се обезбедат средства преку фамозниот „Закон за 1 процент“. „Ако можеме да изградиме силно присуство и да водиме одлична кампања“ – вели тој за Фридом Хаус – „тогаш лесно можеме да добиеме илјадници пати по еден процент од различни граѓани во земјата. И тоа би бил стабилен, сигурен и апсолутно невладин извор на средства“.
Партизан од основањето во 2017 година до денес прераснува во, веројатно, најголемиот YouTube канал во Унгарија. Има над 500 000 следбеници и голема и комплексна продукција на интервјуа, емисии, подкасти и емитувања во живо кои достигнуваат десетици илјади прегледи, а не мал дел од нив ги гледаат и над милион гледачи. Каналот застапува прогресивни гледишта и е позициониран како опозициски кон власта на Орбан, но задржува неутрален став кон остатокот од опозицијата.
Во интервјуата на Мартон Гуљас, кои често траат со часови (понекогаш и седум до девет часа) сите гости се подготвени на прилично незгодни прашања, но секогаш насочени кон добивање на релевантна информација без лична дисквалификација и навреди.
Повеќе од 21 000 Унгарци префрлиле 1 процент од нивниот данок на доход на Партизан и Мартон Гуљас
Според податоците за наплатата на личниот данок на доход за 2023 година, Партизан има 21 122 поддржувачи кои го уплатиле нивниот еден процент на каналот. Тоа го прави Партизан „најголемиот јавно финансиран медиум“ во Унгарија, како што самите објавија на нивната Фејсбук страница.
Во споредба со 2022 година, бројот на „1%“ доанции се зголемил за вкупно 370 000 во домашниот граѓански сектор, што резултура со зголемување на финансирањето за околу 4,3 милијарди унгарски форинти.
Од Партизан, за порталот ХВГ, додаваат дека за разлика од владините пропагандистички медиуми, Партизан може да смета само на поддржувачите на каналот и затоа бараат и понатамошна помош во периодот кој следи.
Унгарското позитивно искуство
Среде вестите за забрзано гасење на слободите во Унгарија, примерот на „1%“ открива дека добри законски решенија носат добри резултати и во релативно „непријателска“ околина за независните медиуми. Отсуството на комерцијални, а уште повеќе на „државни“ извори за финансирање за медиуми кои се критички кон власта, ги тера медиумите да се обратат кон своите поддржувачи, кон публиката за помош и овозможување одржливост.
Ова елегантно законско решение, веројатно е урнек за кој треба да се разговара и кај нас, навидум минималниот „еден процент“ од индивидуални даночни обврзници може да овозможи максимален процент на отпорност кон влијанијата на политиката и големите економски оператори, кои сега постојат во македонскиот медиумски простор. Во 2024 година во Македонија, од данокот на личен доход, во државната каса треба да влезат високи 31,1 милијарди денари, или речиси 506 милиони евра. Еден процент од оваа маса на пари изнесува нешто над 5 милиони евра. Прилично добар извор на финансии за граѓанскиот сектор и независните непрофитни медиуми.
*Преземено од Трн.мк