Македонија минува низ образована криза. Тоа го покажуваат слабите резултати на последното ПИСА тестирање – 75 отсто од 15-годишните ученици во земјата имаат ниски резултати по читање, а 66 отсто покажуваат ниски резултати по математика и природни науки.
Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија вчера говореше на настанот „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктура“ во организација на Здружение за истражување и анализи ЗМАИ.
Според Милер, резултатите од истражувањата покажуваат дека се работи за недоволно време минато во учење.
Учениците во основно образование во Македонија на возраст од 14 години имаат речиси 900 часа помалку настава од просекот на учениците во земјите на ОЕЦД. Ова првенствено се должи на фактот што училишната мрежа не одговара на демографските промени во земјата и како резултат на тоа 90 отсто од учениците учат во 30 отсто од училишните згради, и училиштата се принудени да работат во смени.
Исто така, врз успехот на учениците негативно се одразува и недоволното време минато во предучилишно образование. Резултатите од ПИСА за земјата покажуваат дека учениците кои не посетувале предучилишно образование или кои оделе во градинка помалку од една година, обично имаат пониски резултати по читање, математика и природни науки. Ова не изненадува ако се земе предвид дека само околу 43 отсто од децата на возраст од 3 до 6 години посетуваат градинка, а опфатот на децата Албанци и Роми е уште понизок, вели претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер.
Овие бројки не се само статистика; овие бројки се итен повик за акција, повик да се оствари правото на децата на квалитетно и инклузивно образование, а образовниот систем да обезбеди развој на човечкиот капитал и економска конкурентност, смета Милер.
Втор фактор е бројот на наставници и како тие се распределени: Бројот на наставници и понатаму расте и во просек наставниците работат со помал број ученици. Во изминатите две децении просечниот број ученици се намали од 18 на помалку од 10 ученици по наставник, што е значително под просекот на ОЕЦД. Во две третини од општините, просечниот сооднос ученик-наставник е под 10. Во исто време, распределбата на работната сила е нерамномерна. Некои училишта имаат паралелки со над 30 ученици, додека други имаат помалку од 10. Речиси половина од учениците во руралните средини учат во екстремно мали или комбинирани паралелки од различни одделенија – и едното и другото има негативно влијание врз нивното учење и социјализација.
Трет фактор се расположивите ресурси за квалитетно учење: Инвестициите во образованието несразмерно се трошат на плати, при што останува малку за покривање на трошоците наменети за квалитетно и инклузивно образование. Во моментов, близу 90% од расходите за основно образование одат на трошоци за плати, додава Милер.
Накратко, образовната криза е резултат на децениското несоодветно решавање на клучните структурни предизвици, недостигот од континуитет во реформските процеси кај различните влади и недоволната насоченост на образованието кон реалните и индивидуалните потреби на сите ученици, сметаат од УНИЦЕФ.
Од УНИЦЕФ велат дека постои потреба од преиспитување во три критични области:
Училишна инфраструктура: За да може секое дете да посвети доволен број часови на учење во една смена, треба да се продолжи училишниот ден што може да бара проширување на некои училишни објекти и консолидирање на други. Целта треба да биде на секој ученик да му се овозможи пристап до исто ниво на можности за учење кои доаѓаат со воннаставните активности, пристап до нови технологии и опрема и интеракција со поширока група врсници.
Човечки ресурси: При планирањето на наставниот кадар, треба да се земат предвид новите улоги на наставниците и да се обзебеди поддршка за професионалниот развој и кариерното напредување на наставниците, преку наставниците ментори и стручните служби. Исто така треба да се земе предвид и моделот на споделени ресурси меѓу општините за да се обезбеди ефикасно искористување на работната сила.
Финансирање на образованието: Со сегашната формула за финансирање не се поттикнува ефикасно трошење, не се земаат предвид училишните резултати и не се предвидуваат наменски средства за професионален развој на наставниците или за воннаставни активности. Потребна ни е формула со која се пресметува трошокот по ученик, обезбедува правична распределба и се гарантираат средства за превоз на учениците што живеат подалеку од училиштата.
Реформирањето на образовниот систем е сложен процес и бара силно лидерство и политичка посветеност на сите владини нивоа. Потребен е и ангажман и дејствување од страна на Собранието, пошироката Влада вон Министерството за образование, вклучувајќи ги Министерството за финансии, општините, раководството на училиштата, наставниците и родителите, смета претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Милер.