Ураганот Мелиса се приближува кон Бермудите – најмалку 24 загинати на Хаити


Ураганот Мелиса, кој на Хаити однесе најмалку 24 човечки животи, опустоши цели региони на Јамајка и предизвика поплави на Куба, денес пристигнува до Бермудите по неколкудневното движење низ Карибите.

„Условите на Бермудите ќе се влошат брзо доцна попладне и вечерва“, соопшти Американскиот национален центар за урагани (NHC) во најновиот извештај, додавајќи дека брзината на ветерот достигнува до 165 километри на час.

Според студија објавена од климатолози од Империјал колеџ во Лондон, климатските промени предизвикани од човечката активност го направиле ураганот Мелиса посилен и поразорен.

Куба, која од средата ги расчистува поплавените улици покриени со отпад, претрпе големи оштетувања – во вториот по големина град Сантјаго де Куба делови од куќи се урнаа, лимени покриви попуштија, а градот остана без струја. Многу далноводи се срушени, но властите соопштија дека нема човечки жртви.

На Хаити, кој не беше директно погоден од ураганот, но беше зафатен од обилни врнежи, загинаа најмалку 24 лица, меѓу кои и десет деца, а 18 се водат како исчезнати, според новиот биланс на Обединетите нации.

Ураганот Мелиса беше најмоќната бура што погодила копно во последните 90 години, кога во вторникот ја погоди Јамајка како ураган од петта категорија – највисоко ниво според скалата на Сафи- Симпсон – со ветрови што достигнуваа околу 300 километри на час.

Зачлени се на нашиот е-билтен