Во рамките на проектот Урбана Агенда на МКЦ-Битола ќе се одржи концерт на млади бендови. Концертот ќе се одржи во сабота 26 октомври 2024 година во Радост кафе бар Битола со почеток во 21.00 часот. Ќе настапат 3 млади бендови: Red18, Basement Cult и DamageControl. Влезот е слободен.
Red18 е бенд од Скопје, кој постои од 2022 година, а на Елена, Јован, Павел, Аце и Димиш воопшто не им е важно да се ограничуваат жанровски. Важно им е само луѓето кои се дојдени на нивните настапи, да си поминат убаво! Тие прават музика каква што сакаат, а на нивните настапи не може а да не танцувате! Дел на англиски, дел на македонски, тие ќе ви ја раскажат нивната приказна, затоа не ја пропуштајте нивната прва свирка во Битола!
Бендот Basement Cult е тричлен бенд формиран 2018 година. Денес го сочинуваат Павел Кузманоски – вокал, Горазд Наневски – гитара и Дејан Апостоловски – тапани. Basement Cult започна како школски cover бенд кој го забележа сопствениот потенцијал и почна да твори авторска музика. Нивниот звук и стил се одликуваат со експериментирање и иновативност, што ги прави уникатни на македонската музичка сцена.
DamageControl е артист и диџеј од Скопје, кој ги истражува различните звучни полиња на македонската младина и ја покажува својата перспектива на модерната музика. Под појасот има експериментален електронски албум (DMGCTRL+) и алтернативен хип хоп албум (Фала Ви и убава вечер). Покрај неговата оригинална музика, тој има работено и на други проекти како „Леб и вода“ од Никартиќ и „Астрал“ од Аудиоцигла.
Проектот Урбана Агенда – поддршка на независната културна сцена е финансиран од Швајцарската амбасада во Скопје.