Урнебесно видео: Трамп повторно ја помеша Ерменија со Албанија

Американскиот водител Џон Стујард во неговото шоу објави клип од минатонеделната посета на Доналд Трамп на Обединетото кралство кое помина незабележително на Балканот. Имено на прес конференцијата со британскиот премиер Стамер, Трамп почна да се фали дека ги прекинал сите војни во светот вклучувајќи ја војата помеѓу Азербејџан (каде не успеа да го изговори името на државата) и Албанија. Трамп повторно ја помеша Албанија со Ерменија која со години е во конфликт со соседен Азербејџан.

На 18 септември, Доналд Трамп го претстави својот биланс како мировник – и во истиот здив ја помеша Ерменија со Албанија и се сопна на изговорот на Азербејџан: „решивме Абер…бајџан и Албанија,“ рече тој, алудирајќи на конфликт кој никогаш не ја вклучувал балканската држава. Ова е најмалку третиот ваков лапсус за две недели, по телевизиски интервјуа во кои, исто така, ги заменуваше двете земји. Веста ја потврдија повеќе мејнстрим и регионални медиуми, а се појавија и видеоснимки од настанот.

Фактите се јасни: на 8 август во Белата куќа беше парафиран заеднички мировен документ меѓу Азербејџан и Ерменија во присуство на Трамп – чекор што аналитичарите го оценија како значајно придвижување кон стабилизација на Јужниот Кавказ, со предупредување дека имплементацијата ќе бара упорна дипломатија. Затоа, кога истиот политички капитал се претвора во јавни грешки со основни географски факти, наративот „претседател на мирот“ добива прашалници – бидејќи симболиката на посредник бара и когнитивна прецизност, и стабилна меморија за детали.

Гафот дојде во поширок комуникациски амбиент во кој Белата куќа агресивно го брендира Трамп како мировен лидер и набројувајќи ги неговите листи на непостоечки постигнувања – од Индија–Пакистан до Србија–Косово. Од комуникациска перспектива, ваквите генерални тврдења функцинираат како кампањска теза, но со висока изложеност: секоја грешка во именување или факти се множи преку медиумските циклуси и станува индикатор за компетентност. Згора на тоа, истата недела администрацијата се соочува со брутална расправа околу слободата на медиумите, што дополнително ја зголемува чувствителноста на јавноста кон точноста и транспарентноста на пораките што доаѓаат од врвот на извршната власт.

За надворешната политика, погрешното именување можеби изгледа минорно; за засегнатите земји, пак, тоа е симптом: дали посредникот што гарантира договор разбира кој со кого склучил мир? Особено кога Ерменија и Азербејџан, и по парафирањето, влегуваат во тешка фаза на имплементација – коридори, безбедносни гаранции, механизми за мониторинг – каде што зборовите и сигналите од Вашингтон тежат. Во дипломатскиот регистар, точноста е валута: благонаклоните грешки не се фатални, но нивната повторливост го еродира кредибилитетот, а со тоа и влијанието врз следните чекори.

Зачлени се на нашиот е-билтен