Урсула фон дер Лајен во Поточари: ЕУ засекогаш ќе го памети геноцидот во Сребреница

ЕУ засекогаш ќе го памети геноцидот во Сребреница, рече Фон дер Лајен во Поточари

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска за првпат официјално го посети Меморијалниот центар Сребреница, испраќајќи порака на сеќавање, почит и солидарност со жртвите на геноцидот.

Во делегацијата што престојуваше во Поточари беше и шефот на Делегацијата на Европската унија и специјален претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина, амбасадорот Луиџи Сорека.

По пристигнувањето во Меморијалниот центар, претседателката фон дер Лајен им оддаде почит на жртвите на геноцидот, а потоа разгледа неколку постојани поставки, вклучително и Архивот на Меморијалниот центар, кој е воспоставен со поддршка на Европската унија.

Во придружба на директорот на Центарот, Емир Суљагиќ, претседателот на Управниот одбор, Хамдија Фејзиќ, и претседателката на здружението „Движење на мајките од енклавите Сребреница и Жепа“, Мунира Субашиќ, фон дер Лајен ги посети сите содржини на Центарот и разговараше за значењето на зачувувањето на вистината, културата на сеќавање и образованието на новите генерации.

„Оваа посета претставува важен симбол на меѓународна поддршка во зачувувањето на сеќавањето на жртвите на геноцидот и потврда дека Европската унија останува трајно посветена на вистината и правдата“, се наведува во соопштението на Меморијалниот центар.

По посетата, претседателката на Европската комисија се огласи на социјалните мрежи.

„Мојата посета на Меморијалниот центар Сребреница длабоко ме допре. Им оддадов почит на споменот на повеќе од 8.300 бошњачки момчиња и мажи убиени пред 30 години. Исто така, се поклонив пред мајките, сопругите и ќерките кои веќе три децении го носат товарот на загубата. Наша должност е да ја зачуваме вистината и активно да работиме на помирување. Европската унија засекогаш ќе го памети геноцидот во Сребреница“, порача таа.

Во рамките на својата балканска турнеја, фон дер Лајен во изминатите два дена беше во посета на Албанија и Црна Гора, а денеска пристигна и во Босна и Херцеговина, од каде што утре ќе отпатува за Србија.

Зачлени се на нашиот е-билтен