Уругвај стана првата латиноамериканска држава што ја легализираше евтаназијата

Уругвај вчера стана првата држава во Латинска Америка што донесе закон за легализација на евтаназијата. Сенатот го изгласа законот што уште во август беше одобрен од долниот дом на парламентот.

Според весникот El Observador, законот бил усвоен со 20 гласа „за“ од вкупно 31. Со тоа, Уругвај стана првата земја во претежно католичкиот регион каде што евтаназијата е легализирана од парламентот — додека во Колумбија и Еквадор оваа практика е декриминализирана преку судски одлуки.

„Денес Уругвај повторно е во првите редови кога станува збор за човековите права. Усвоивме закон за евтаназија — мерка што го признава правото на избор до самиот крај, со достоинство и слобода“, напиша сенаторката Констанца Мореира на социјалните мрежи.

Сенаторот Алехандро Санчез изјави дека донесувањето на законот „сведочи за длабока посветеност на човечкото достоинство и слободата“, а неговиот колега Даниел Каџани го нарече денот „историски“.

„Уругвај, кој повторно предничи во проширувањето на правата, е првата земја во Латинска Америка со закон што дозволува евтаназија, гарантирајќи го правото на достоинствена смрт“, рече Каџани.

Со овој потег, Уругвај се приклучува на мал број земји во светот што имаат закон за евтаназија — меѓу кои се Холандија, Шпанија и Канада.

Зачлени се на нашиот е-билтен