Уште еден американски носач на авиони „УСС Џералд Р. Форд“ следната недела треба да биде распореден во Европа, во близина на Блиски Исток, објавија американските медиуми повикувајќи се на неименуван извор.
Се претпоставува дека носачот на авиони „УСС Форд“ ќе биде прераспореден во источниот дел на Средоземно Море.
Пред два дена американскиот брод носач на авиони „УСС Нимиц“се упати кон Блиски Исток. Носачот на авиони „УСС Нимиц“ е на нуклеарен погон и е еден од најголемите воени бродови во светот.
Сè уште е непознато дали „УСС Нимиц“ ќе го замени или ќе му се придружи на носачот на авиони „УСС Карл Винсон“.
Додека американските носачи на авиони се упатуваат кон Блиски Исток, во изминатите три дена над делови од Европа и Медитеранот регистрирани се повеќе од 30 американски воени авиони, меѓу кои и 12 авиони ловци Ф-35. Американските авиони вчера одлетале кон Средоземно Море, а потоа се вратија во Велика Британија.
Прераспоредувањето на американските носачи на авиони и прелетите на воените авиони се повеќе ги подгреваат шпекулациите дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе издаде наредба за напад врз иранските нуклеарни објекти. Тој денеска одби да одговори дали ќе издаде наредба за напад.
– Можеби ќе го направам тоа. Можеби нема да го направам тоа. Никој не знае што ќе правам, истакна Трамп.
Тој изрази жалење поради тоа што Иран не се согласил на договор пред истекот на рокот од 60 дена. Трамп тврди дека Иран сега е заинтересиран да преговара, но според него „сега е многу доцна за разговор“ и повтори оти Техеран треба „безусловно да се предаде“.
– Потоа ние ќе ги дигнеме во воздух сите нуклеарни објекти (во Иран), посочи Трамп.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека армијата на САД е „подготвена да ја изврши“ секоја одлука на Трамп за војна и мир.
Ако и кога ќе се донесат такви одлуки, Министерството (за одбрана) е подготвено да ги изврши, наведе Хегсет.