Условна пресуда за Рамиз Мерко и обвинетите за незаконското назначување директорка во училиштето во Велешта

Рамиз Мерко, Егзона Шеи и Дритар Каба добија условна пресуда за случајот со незаконското назначување директорка во основното училиште во Велешта. Според пресудата, доколку во рок од две години од правосилноста сторaт ново кривично дело, ќе добијат една година затвор.

Судот утврди дека нема лажна исправа во предметот со обвинетата Егзона Шеи, која првично беше обвинета за фалсификување исправа. Судијата Јован Јованов појасни дека исправите биле издадени од овластени лица и уредно заведени, но содржеле невистинити податоци, што ја прави кривичното дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, а не фалсификат.

„Исправата не е лажна по форма, но она што е напишано во неа не е точно. Невистини имало во уверението за приправнички стаж, потврдата за работно искуство и мислењето на наставничкиот совет“, изјави судијата Јованов.

Тој објасни дека според правилата, Егзона Шеи како апсолвент требало да се вработи како приправник, да има ментор и по една година стаж да дипломира, а дури по пет години наставничко искуство да може да конкурира за директор. Наместо тоа, веднаш по дипломирањето во 2022 година, таа била назначена за вршител на должност директор, а веќе во третиот мандат сè уште го немала положено стручниот испит.

Судијата потврди дека Рамиз Мерко ја назначил Егзона Шеи без да ги исполнува потребните услови — таа немала валиден сертификат за англиски јазик, ниту положен стручен испит за директор, ниту пет години стаж како наставник. Заради тоа, Мерко е осуден за несовесно вршење работи во службата.

Во предметот за незаконско поставување директор во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, обвинетите добија парична казна од по 2.500 евра. Обвинителот Џемал Лога најави жалба, бидејќи, според него, за исто дело не може една пресуда да биде условна, а друга парична.

Ова не е прв случај против Рамиз Мерко. Тој претходно беше осуден на парична казна од 10.000 евра за незаконско назначување директори во училиштата во Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

Зачлени се на нашиот е-билтен