Уставен до тие што протестираат: Никој ништо не ви укинал!

Уставниот суд денеска им порача истото и на пензионерите што протестираа пред нивната зграда, што и на премиерот Христијан Мицкоски: линеарното зголемување на пензиите сè уште не е укинато и нема донесена конечна одлука за спорниот член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Од Судот потсетуваат дека на 24. седница одржана на 19 ноември изразиле сомнеж за уставноста на членот 2 – одредбата што го воведе линеарното покачување од 1.000 денари – и отвориле постапка. Но, тоа е само прва фаза. Во втората, која е во тек, Уставен собира мислења од Собранието и од Владата, по што дури ќе се подготви и стави на дневен ред предлог-одлука. Дури тогаш, на нова седница, судиите ќе гласаат за конечна одлука. До тој момент, законската одредба формално е на сила.

Ова појаснување доаѓа по серијата изјави на премиерот Мицкоски, кој од собраниската говорница тврдеше дека Уставниот суд веќе го укинал линеарното зголемување и дека „над 70 проценти од пензионерите“ од следниот месец ќе земаат помала пензија. Во истата изјава, шефот на Владата рече дека одлуката била „веќе потпишана“ од судијката Добрила Кацарска и дека пензионерите се доведени во неправда. Уставниот суд го демантираше ова уште на 27 ноември, а денешното соопштение само го повторува истиот став, сега и официјално упатен до протестниот собир на пензионери.

Судот се обиде да ги смири и стравовите дека ќе се „вратат пари“ или дека веќе исплатените покачувања ќе се укинат. Во соопштението се потврдува дека не се преиспитуваат членовите 3 и 18 од истиот закон – одредбите преку кои во септември 2024 и март 2025 на пензионерите им беа исплатени по 2.500 денари. Уставен веќе ја отфрлил иницијативата за тие членови, бидејќи биле од темпорален карактер и не се дел од правниот промет. Со други зборови, досега исплатените линеарни покачувања не се под знак прашалник и нема механизам да бидат „земени назад“.

Додека судиите објаснуваат правни процедури, пред зградата на Уставен се собираа пензионери од целата држава. Тие протестираа против можноста да престане линеарното зголемување и бараа да продолжи моделот со кој сите добиваат ист износ, со цел да се намали јазот меѓу најниските и највисоките пензии. Претседателот на иницијативниот одбор, Зоран Трајков, пред собраните повтори дека нивната борба е за „корка леб и лекови“, предупредувајќи дека со чисто процентуален модел најсиромашните повторно ќе останат со покачувања од по неколку стотини денари.

На протестот се слушаа и други барања: воведување К-15 за пензионерите, покачување на посмртнината од 35.000 на 50.000 денари, како и унифицирана пензионерска картичка со која би се добивале попусти за храна, лекови и услуги. Организаторите најавија дека ова не е последен протест – следната станица им е Канцеларијата на Европската унија во Скопје на 10 декември, каде сакаат да ја презентираат својата верзија на „социјална правда“ за старите лица.

Но, во центарот на денешното соопштение од Уставен не се политичките пораки, туку едноставната реченица: „не е донесена конечна одлука“. Судот потсетува дека предметот се води под број У.бр.13/2025 и дека јавноста ќе биде известена кога ќе биде ставен на седница за гласање. Дотогаш, целата дебата околу тоа дали некој „им укинал“ или „им земал“ нешто на пензионерите останува на ниво на политички пораки, а не на правно фактичка реалност.

Во ваков амбиент, пензионерите повторно се најдоа меѓу чеканот и наковалната: од една страна слушаат драматични предупредувања дека им следуваат „помали пензии“, од друга страна – ладни правни формулации дека ништо сè уште не е одлучено. Уставниот суд се обидува да ја задржи дистанцата и да испрати сигнал дека процесот има свои фази и правила. Но политичката штета веќе е направена: довербата е разнишана, а стравот лесно се шири кај луѓе кои ионака живеат на работ на егзистенцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен