Уставни измени во Грција: Киријакос Мицотакис најави храбри реформи

Премиерот во Атина ја отвори јавната и парламентарната дебата за уставна ревизија, со аргумент дека Уставот од 1975 година обезбедил стабилност по падот на воената хунта, но дека денешните предизвици – од вештачка интелигенција до климатска криза – бараат поинакви институционални „алати“ и обновена доверба во државата.

Во неговата рамка за промени, централно место добива прашањето за политичката одговорност и контролата врз извршната власт, особено преку ревизија на уставните одредби за одговорноста на министрите, кои во пракса често се судираат со парламентарната аритметика и партиските линии. Паралелно, како дел од „модернизацијата“, се најавува внесување мерливост во јавната администрација преку систем за оценување на перформансите, како и механизми што би требало да ја намалат толеранцијата кон неефикасност и злоупотреби.

Еден од најчувствителните елементи е најавената промена на членот 16 – тема што со години ја поларизира грчката јавност – со која би се отворила врата за недржавни универзитети, во систем каде Уставот експлицитно ја ограничува високата едукација на државните институции. Токму затоа, ова прашање се чита и како идеолошки судир околу тоа дали образованието останува исклучиво „јавна мисија“ или станува простор за поголем плурализам и конкуренција.

Пакетот што се става на маса вклучува и предлог претседателот на Републиката да добие шестгодишен мандат, како и поголемо учество на судиите во изборот на раководствата на врховните судови – порака дека реформата треба да го допре и прашањето на судската независност, а не само политичката архитектура. Во истиот тон, Мицотакис говори и за потреба од уставни „заштитни механизми“ за фискална дисциплина, со јасна дистанца од популистички политики што, според него, ја чинеле Грција скапо во минатото.

Иако јавната најава создава впечаток на брз потег, уставната ревизија во Грција е долг и строго формализиран процес што, по правило, се протега низ два последователни парламентарни состави: првиот ги „отклучува“ членовите што ќе се менуваат, а вториот ја утврдува нивната конечна содржина, при што во најмалку една фаза е потребно засилено мнозинство од 180 пратеници во парламент од 300 места. Тоа практично значи дека без поширок политички консензус, реформата тешко може да излезе од рамката на декларација, особено затоа што прагот на мнозинства ја принудува владата да бара сојузници надвор од сопствениот блок.

Зачлени се на нашиот е-билтен