По „плодна и на моменти остра“ расправа, Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за правилникот на Државната изборна комисија (ДИК) кој им дозволува на независните кандидати да учествуваат на избори со само два потписи. Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, образложи дека правилникот има уставна и законска втемеленост и во практика ја имплементира претходната одлука на Судот со која беше укинат прагот од 1% потписи за независни кандидатури.
Правниот вакуум се појави откако во мај годинава Судот го сруши условот независните да собираат најмалку 1% потписи од впишаните избирачи, а Собранието не донесе нови правила и покрај приближувањето на роковите за локалните избори. Во такви околности, ДИК во август усвои правилник со кој ја либерализира постапката – доволни се два потписи – што го оспори Здружението „Светски македонски конгрес“. Судот денеска оцени дека ДИК дејствувала во рамките на своите надлежности за да обезбеди спроведливост на изборниот процес додека законодавецот не постапува.
„Одлуката на ДИК да оди со два потписи… фактички претставува и имплементација на одлуката на Уставниот суд,“ изјави Костадиновски, додавајќи дека би било „огромна и многу тешка повреда на Уставот“ доколку по укинувањето на 1% прагот не се обезбедеше јасен критериум за независните кандидатури. Според него, сценарио во кое независните граѓани не би можеле да се кандидираат поради недоречености би значело погазување на Уставот и Изборниот законик.