Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои беше воведено линеарно зголемување на пензиите. Судот проценува дека овој модел на усогласување може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност, ставајќи на маса чувствителна тема: дали сите пензионери добиваат еднаков третман, или дел од нив се de facto казнети за повисок стаж и повисоки уплати во системот. Во превод голем број пензионери во Македонија кој цел живот макотрпно работеле и го полнеле пензискиот фонд, остануваат покуси со таканареченото линеарно зголемување, наместо зголемување според платени придонеси и стаж.
Со оспорениот член 2, класичната формула – редовно месечно усогласување на пензиите според растот на платите и трошоците за живот – е заменета со линеарна распределба на вкупниот износ предвидени средства, подеднакво за сите пензионери, без оглед на висината на пензијата, стажот и платените придонеси. Тоа, како што нотира Судот, отвора прашање дали вака поставеното правило создава нееднаквост: пензионерите со понизок износ добиваат исто зголемување како и оние со повисоки пензии, а во одредени случаи и релативно повеќе, иако во текот на работниот век имале помалку години стаж или пониски уплати во пензискиот систем.
Во образложението, судиите потсетуваат дека пензијата е стекнато имотно, индивидуално право. Согласно член 30 од Уставот, правото на сопственост е гарантирано и никому не може да му биде произволно ограничено или одземено. Оттаму произлегува и клучната дилема: дали со линеарниот модел фактички се вмешува во „сопственоста“ на оние пензионери кои со децении уплаќале повеќе, а сега добиваат релативно помало зголемување во однос на оние со пониски пензии.
Судот експлицитно се повикува и на праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таму, разликата во третманот е дискриминација ако нема „објективно и разумно оправдување“, ако не служи „легитимна цел“ или ако нема разумна пропорционалност меѓу средствата и целта. Токму тоа Уставниот суд најавува дека ќе го проверува: дали законодавецот успеал да ја оправда политичката одлука за линеарен раст како социјална мерка, без притоа да ги погази легитимните очекувања на дел од пензионерите кои својот износ го стекнале на основ на повеќе работа и повисоки придонеси.
Со поведувањето на постапката, Судот не кажува дека линеарното зголемување е противуставно, но јасно сигнализира сомнеж. Ќе се испитува дали одредбата произведува дискриминација по основ на висината на пензијата и дали создава нееднаквост помеѓу примателите – особено меѓу оние со долг стаж и повисока основица, кои сега добиваат исто или помало апсолутно зголемување од пензионерите со минимални пензии. Прашањето е суштинско: може ли државата, во име на „социјална корекција“, да ги израмни сите, без да им објасни на оние што вложувале повеќе зошто нивниот придонес се релативизира.
Интересен е и вториот дел од одлуката: Уставниот суд ја отфрли иницијативата што ја поднесоа Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска, со која се оспоруваа член 3 и член 18 од истите измени на законот. Образложението е формално – спорните одредби се од темпорален карактер и веќе не се дел од правниот поредок, па Судот не може да одлучува за нешто што не важи. Но и ова покажува важен пресврт: наместо да влезе во широка расправа за целиот пакет, Уставниот суд се фокусира на живата норма – член 2 – онаму каде што ефектите врз пензионерите се директни и долгорочни.
Во позадина, дебатата за линеарното зголемување одамна не е само правна. Дел од пензионерските здруженија го поддржуваат моделот како начин да се помогне најсиромашниот слој, додека други предупредуваат дека се нарушува принципот „колку си работел и колку си уплаќал – толку добиваш“. Власта го брани потегот како мерка за социјална кохезија во услови на инфлација и високи трошоци за живот, но со решението на Уставниот суд сега ќе мора да даде и прецизно уставно и европско оправдување, а не само политичко.
Она што следува е тест не само за пензиската политика, туку и за довербата во институциите. Доколку Судот утврди дека линеарното зголемување е непропорционално и дискриминаторно, законодавецот ќе мора да бара нова формула што ќе ги спои социјалната чувствителност и правдата кон оние што со години го полнеле системот. Ако, пак, одлуката оди во корист на постојното решение, пензионерите со повисоки пензии ќе добијат јасна порака дека дел од нивните „легитимни очекувања“ се жртвувани заради политиката на редистрибуција. Во двата случаи, линеарното зголемување повеќе не е само бројка во буџетот – туку огледало на тоа како државата ги разбира правото на сопственост, социјалната правда и еднаквоста пред закон.

