Велигден, Божиќ, Бајрам или кој било празник кај македонската политика одамна се претворија во кратка пауза од навредувањето. На денот на празникот партиите зборуваат за смирение, заедништво и љубов, а веќе следното утро јавниот простор повторно се полни со истите зборови што со години го трујат политичкиот говор: предавници, неспособни, пиуни, криминалци, лаги, омраза. Проблемот не е само во тоа што политичарите така се пресметуваат меѓусебно, туку што тој речник станува општо прифатен модел на комуникација и полека се прелева во секојдневниот јазик на целото општество.
Во таа слика, одговорноста не е иста за сите. Во секоја демократија, најголемата тежина ја носи власта, затоа што таа не само што управува со институциите, туку и го поставува тонот на јавниот разговор. Токму затоа денес најсилно се гледа проблемот со реториката што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, партија што наместо да покаже дека власта носи и политичка зрелост, често продолжува да комуницира како да е во бескрајна улична пресметка со опозицијата. Последните партиски соопштенија тоа јасно го покажуваат: на официјалната страница може да се прочитаат формулации како „СДС продолжува со она во што се најдобри, а тоа е растурање на пердуви и ширење на лаги“, „Нема навреда и понижување кое Филипче не може да го претвори во комплимент“, „Кризата на Блискиот Исток најмногу го погоди Венко Филипче, не можејќи да тера луди журки во Дубаи“ и „Во некапацитетноста Филипче е докажан кадар“. Ова повеќе не е политичка критика. Ова е стил на понижување претворен во официјална партиска комуникација.
Кога такви пораки доаѓаат од партија што ја води државата, тие не остануваат само внатрепартиски материјал. Тие стануваат сигнал до целата јавност дека вулгарната политичка пресметка е дозволена, па дури и наградена. Кога премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ зборува за „патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ“, тој не ја смирува атмосферата, туку дополнително ја психологизира политичката борба и ја претвора во конфликт меѓу непријатели, а не меѓу легитимни противници. Во таква атмосфера, парламентот сè потешко личи на место за судир на аргументи, а сè повеќе на сцена за дневни партиски дуели, дофрлања и пресметки за кликови, лајкови и вечерни вести.
Најопасно е што ваквиот стил не завршува кај политичарите. Тој се пренесува надолу, во медиумите, во коментарите, на Фејсбук, во семејните разговори, во кафулињата и на работните места. Ако партиите секојдневно зборуваат со јазик на омаловажување, тогаш и граѓаните почнуваат да го преземаат истиот шаблон: несогласувањето повеќе не е разлика во став, туку причина за презир. Токму тоа го покажуваат и извештаите за говор на омраза. Во мониторингот за 2025 година, 25,2 отсто од регистрираните случаи биле насочени кон политички или идеолошки противници, 41,2 отсто содржеле навреди и понижувачки јазик, а политичарите, државните функционери и партиите биле втор најчест генератор на таков говор. Истовремено, Европската комисија нотира дека онлајн просторот во Северна Македонија останува под сериозен притисок од дезинформации и говор на омраза, при што Советот за етика во медиумите регистрирал 84 претставки за говор на омраза само во 2024 година.
Тука е и вториот проблем: медиумите често не го амортизираат овој јазик, туку го засилуваат. Наместо навредите да ги стават во контекст или да ги оттурнат на маргината, тие често ги креваат во наслови, банери и breaking alerts. Форумот за разумни политики во анализата за изборната етика предупреди дека политичарите во јавните настапи неретко користат говор на омраза и лични навреди, а значителен број медиуми ги пренесувале токму тие навреди без критичка анализа, создавајќи доминантно негативна атмосфера. Така, политичката некултура не останува само проблем на партиите, туку станува и дел од медиумскиот бизнис модел.
Никој не може чесно да тврди дека вината е само на една партија. И опозицијата знае да врати со ист тон, да карикира, да навредува и да ја спушти дебатата на кал. Но во сегашниот момент, кога ВМРО-ДПМНЕ е најмоќниот политички актер во земјата, нивниот речник има поголема тежина и поголема последица. Власта има обврска да го крева стандардот на јавната комуникација, не да го влече уште подолу. Кога наместо аргумент нуди сарказам, потсмев и етикети, таа не ја победува опозицијата, туку ја нормализира простотилакот како доминантен јазик на политиката.
Затоа најголемата штета не е дневнополитичка, туку општествена. Деца растат гледајќи дека јавниот успех се мери со тоа колку добро знаеш да навредиш. Граѓани се навикнуваат дека политиката не е место за идеи, туку арена за понижување. А општеството полека се откажува од основната култура на разговор. Така, празничните благослови на политичарите остануваат само свечена декорација над еден јавен простор во кој веќе следниот ден повторно почнува старото: колнење, плукање, омраза и безобразлук, сè додека некултурата не стане толку нормална што веќе никој и не ја забележува.