Утре матурантите ќе полагаат мајчин јазик, првиот задолжителен испит од државната матура

Фото: Мета.мк

Утре во 10 часот, 15.004 матуранти во државата ќе го полагаат првиот испит – мајчин јазик (македонски, албански, турски или српски). За прв пат, оваа година, со цел да се обезбеди поголема објективност и да се намали препишувањето, испитот на зрелоста ќе се полага во поголеми простории/амфитеатри на факултетите низ државата.

„Сè е подоготвено за претстојното утрешно полагање“, кусо соопшти за Мета Даниела Јовчевска Михајловска, директорката на Државниот испитен центар, институцијата која го организира матурскиот испит.

Вториот екстерен предмет, кој може да биде по избор на кандидатите – математика или странски јазик (англиски, француски, германски или италијански), ќе се полага на 11 јуни.

Годинава првпат е вклучен италијанскиот јазик како изборна опција, во согласност со наставната програма. Интерните испити ќе се спроведуваат од 17 до 25 јуни, а во тек се презентациите и одбраните на проектните задачи.

Мета објави дека годинaшната државна матура ќе се спроведува не само во средните училишта, туку и во простории на пет државни универзитети низ земјата. Како што потврдуваат од Државниот испитен центар (ДИЦ) за Мета.мк, испитот на зрелоста ќе се полага во предавалници и амфитеатри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Државниот тетовски универзитет и Универзитетот на Југоисточна Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен