Утре почнува евакуацијата на македонски државјани

Mark Harkin, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons
Mark Harkin, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток ќе започне в недела и ќе се реализира со комерцијални чартер-летови, откако Министерството за надворешни работи и надворешна трговија склучи договор со авиокомпанија по спроведена постапка согласно Законот за јавни набавки.

Според планираната динамика, се очекува најдоцна до средината на следната недела да бидат вратени сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за евакуација. Процесот, како што е наведено, се координира преку дипломатско-конзуларните претставништва во регионот, а техничките и организациските детали за летовите треба дополнително да се утврдат со економскиот оператор, по што граѓаните ќе бидат навремено информирани.

Во меѓувреме, дипломатските канали ги собираат пријавите и ја мапираат бројката на заинтересирани. Заклучно со денес, Амбасадата во Доха контактирала 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Амбасадата во Абу Даби контактирала 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и 5 од Кралството Саудиска Арабија.

Министерството повторно ги повика сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го сторат во најкраток рок преку дежурните телефонски броеви на ДКП-ата или преку СОС-бројот на Министерството, со приоритет безбедно и навремено враќање.

Зачлени се на нашиот е-билтен