Иднината на Европа по европските избори, интегративниот процес на Западен Балкан, геополитичките случувања во Источен Медитеран, мирното решавање на споровите, справувањето со климатската криза, но и во европските економски случувања, се темите на кои ќе се дебатира на дводневната Меѓународната конференција за мир и одржлив развој којашто започнува утре, на 17 јуни.
Меѓународната конференција во организација на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Заев“, ќе се одржи во Атина, по повод шест годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа.
Учеството на конференцијата го прифатија и потврдија премиери, еврокомесари, водечки владини претставници, поранешни претседатели, премиери и министри за надворешни работи, шефови на меѓународни организации, како и претставници на партии од централно левичарски, левичарски и демократско прогресивна ориентација.
Според агендата што во пресрет на конференцијата ја објави поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, од нашата земја, на конференцијата е планирано учествувото поранешните премиери Зоран Заев и Владо Бучковски, поранешниот министер за надворешни работи поранешен и поранешен вицепремиер Никола Димитров, Венко Филипче како директор на „Фондацијата Заев“ и Илина Мангова од Меѓунафродниот републикански институт во Северна Македонија.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ќе се обрати преку видеопорака, во пресрет на доделувањето на „Наградата од Преспа“ за специјалниот претставник на ОН во преговорите Метју Нимиц, кој исто така ќе биде присутен на конференцијата, за неговиот придонес во Договорот од Преспа.
На дводневната конференција планирани се низа панел дискусии, меѓу кои и една на која Заев и Ципрас ќе одговараат на прашања поврзани со Договорот од Преспа.
Агендата на конференцијата го најавува учеството и на четворица европски комесари, на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, на премиерот на Србија Милош Вучевиќ, на поранешните премиери на Шведска и Грција Стефан Лофвен и Јоргос Папандреу, поранешниот претседател на ЕП Мартин Шолц, на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, како и на градоначалниците на Атина и Истанбул.
Насловите на сесиите на конференцијата најавуваат актуелни тем и како што се „Каде оди Европа (и Грција)? Предизвици за раст и социјална кохезија“, „Регионалните случувања во Источниот Медитеран и Југоисточна Европа. Какви се изгледите за мир и стабилност по војните во Газа и Украина?“.
Посебно место на конференцијата има Преспанскиот договор со дебатата на тема „Преговорите кои доведоа до Договорот и неговото спроведување шест години подоцна. Дали Договорот од Преспа е модел за мирно решавање на споровите?“, на којашто се надоврзува сесијата посветена на темата „Пристапната перспектива на Западен Балкан и неговото значење за иднината на Европа. Дали сме во период на стагнација или градење нов моментум?“.
Вториот ден на конференцијата започнува со дебатата посветена на „Геополитичките случувања и улогата на меѓународните организации во управувањето со кризи и обезбедувањето мир“ и на климатските промени за кои ќе се дебатира на сесијата со наслов „Климатска криза и одржлив раст. Како може да се решат предизвиците поврзани со правичната транзиција кон зелената агенда?“
Како неизбежен интерес на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој организаторите ја избраа и темата „Европа и подемот на екстремно десничарските и националистичките сили. Кои политики можат да помогнат да се соочиме со нив?“, по што ќе следува завршната сесија која ќе се фокусира на дебатата со наслов „Иднината на Европа“
Со Меѓународната конференција, која како прва е во организирана во соработка со Фондацијата Заев – Отворено општество за сите, Институтот Алексис Ципрас најавува низа настани и иницијативи во следниот период со цел да започне поширок јавен дијалог за иднината на Грција и Европа.