-Соодветната монетарна политика, стабилизирањето на цените на храната на светските берзи, како и временото замрзнување на цените на храната кај нас придонесоа за намалување на инфлацијата, вели во изјава за Рацин.мк универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Тој додава дека изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека во изминатите два месеци е зауздана инфлацијата се политички и популистички.
-Точно е дека сме пазарна економија, но трговците секогаш се стремат да ги покачат цените, за да можат да остварат поголеми профити. Во тие услови најчесто има интервенции од Владите за да се намалат маржите, но со контролиран мерки, а не со апели бидејќи знаеме дека во земава апелите и не помагаат многу, појаснува тој.
Узунов додава дека зголемувањето на пензиите во мал дел може да придонесе за покачување на инфлацијата, но позагрижувачки е трендот на стагнација на платите, бидејќи придонесите се тие што го полнат Пензискиот фонд.
-Она што е важно е да се има континуитет и на плати и на пензии, уреден со закон, а не отстапувања како што е линеарното зголемување на пензиите како популистичка мерка. Претходната влада барем започна да создава некаков ред кој се однесуваше на колективните договори за раст на платите и усогласувања на пензиите согласно трошоците за живот, но сега гледаме дека се отстапува од овие правила, а тоа е лошо за една економија бидејќи создава незивесност, вели Узунов.
Тој додава дека треба да има ред, а не хаос, а она што е политичко ветување да се преточи во законска одлука и да се прекине со политичка недисциплина и селективно (не)почитување на законите на која и да било претходна влада особено ако донесла добри одлуки, туку да се продолжи со развојни цели во континуитет.
Додека кај нас се води дебата дали требаат мерки или не, дел од земјите во Регионот, како Црна Гора и Србија веќе воведоа мерки за намалување на цените, Мицкоски пак рече дека засега Владата не планира да интервенира, но испрати само апел до трговците да ги намалат маржите.
Сега граѓаните останува да чекаат да профункционира новиот закон за забрана на нефер трговски практики беше донесен кон крајот на март годинава и содржи околу 26 нефер трговски практики. На компаниите им беше оставен период од шест месеци да се приспособат. За непочитување на законските одредби, засега се предвидени глоби до 20.000 евра, а рабатот за околу 2.500 производи е ограничен на 10 отсто. Трговците имаат можност да достават забелешки на Предлог-листата најдоцна до 25 октомври годинава.
До крајот на февруари годинава, цените на храната беа „под мраз“, а од 1 март трговците добија се обидуваат да го надоместат она што го изгубија со четиримесечното замрзнување. Така што, во изминатите 4-5 месеци, цените на храната галопираат во нагорна линија, а поскапувањата се движат од 20 до 50 проценти.
Во моментот маржите кај нас се движат од 30 до 40 отсто од производствената цена, а сите очи се вперени во Законот за нефер практики, кои ќе ги сведе на најмногу 10 отсто. Досега во земјава, постоењето нефер трговски практики не беше регулирано во посебен закон. Дел од овие повреди се карактеризираа како забранети во согласност со постојниот Закон за заштита на конкуренцијата.
Инаку и агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, во својот последен извештај за земјава од април, во кој го потврди кредитниот рејтинг од „ББ+“ со стабилен изглед се наведува дека поради затегнатата монетарна политика, стабилизирањето на цените на храната на светските берзи, како и временото замрзнување на цените на храната кај нас придонесоа за намалување на инфлацијата на 3% во февруари оваа година, во споредба со 19,8% во октомври 2022 година, кога го достигна највисокото ниво.
„Фич“ прогнозираше дека просечната стапка на инфлација ќе се намалува и во 2024 и 2025 година. Според нив, во 2024 година, растот се очекува да зајакне на 2,9% поттикнат главно од приватната потрошувачка, поткрепена од растот на платите, потоа реализацијата на проектот на автопатите на коридорите 8 и 10д, како и континуираниот прилив на странски директни инвестиции. Позитивно влијание се очекува и од финансиската поддршка преку новиот европски План за раст на Западен Балкан.
Соња Танеска