Тоа што трговијата, транспортот и хотелиерството се главните сектори кои ја поттикнуваат економијата и во третото тримесечје од 2024 година, го зголемиле бруто домашниот производ (БДП) на Северна Македонија за 3%, не е заслуга на Владата, вели за Рацин.мк универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Соња ТАНЕСКА
-Кога личната потрошувачка е причина за економски раст, тоа е недоржливо на подолг период, за сериозен раст се потребни инвестиции и раст на извозот, а во моментот Владата само најавува нови компании, а нема реална реализација. Кон дел од земјите имаме и пад на извозот, што значи економската состојба не е баш добра, појаснува тој.
Узунов додава и дека симптоматично е што после толку најави на унгарскиот кредит неговата реализација ќе се чека дури следната година и за општините и за компаниите, што значи дека се е во насока на купување време до локалните избори.
-Токму затоа нема да има ниту сериозни реформи, со најразлични кошнички кои ќе немаат никаков ефект, како божиќна, новогодишна, рамазанска како дел од предизборна кампања, за граѓаните да мислат дека се „частени“ а всушност не се. Може единствено да ќарат уште 2.500 пензионерите и толку, така што оваа Влада во следниот период на економски план ќе споделува само еуфорија, бидејќи во спротивно ќе треба да се фати за работа, а тоа бара реформи и иницијативи кои не и одат во прилог поради изборите, вели Узунов.
На прашањето дали е во ред што премиерот Христијан Мицкоски ги остави работодавачите и Синдикатите сами да се договараат околу минималната плата иако тоа беше предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, тој вели дека премиерот зема плата за да решава проблеми, а не да се дистанцира.
-Во спортивно зошто тие би оделе на состаноци на Економско социјалниот совет во Владата, ќе се среќаваат на друго место, а Мицкоски зазема кукавичка позиција иако знае дека без инволвираност на власта тешко може да се реши зголемувањето на минимланта плата, појаснува Узунов.
Според иинститутот „Фајнанс тинк“ најголем придонес во растот има јавната потрошувачка, која порасна за значителни 13.3%, што е директен резултат на повисоката буџетска активност во текот на годината, како и приватната потрошувачка, која иако умерена, се зголеми за 1.9%.
Во истиот период, извозот, увозот и инвестициите стагнираат, продолжувајќи го трендот од претходните квартали.
Од секторска гледна точка, трговијата е главниот двигател на растот со пораст од 10.6%. Наспроти тоа, индустријата забележа пад од 4.6%, што влијаеше на вкупниот економски биланс.
Невработеноста продолжува да опаѓа, достигнувајќи 12.3%. Во третиот квартал се создадени околу 7.000 нови работни места, главно во земјоделството и индустријата. Во трговијата, и покрај растот на додадената вредност, бројот на вработени се намалува.
Годишната инфлација во третиот квартал изнесува 2.6%, што е значително намалување споредено со претходните периоди. Институтот ја посочува стабилизацијата на трошоците за плати како еден од клучните фактори за овој тренд.
„Фајнанс тинк“ предвидува раст на БДП за целата 2024 година од 2.7%, со инфлација од 3.8%. За 2025 година, очекувањата се уште попозитивни, со раст од 3.5% и инфлација од 2.4%.
Светска банка, пак, во својот есенски извештај за Македонија, прогнозираше дека земјата ќе има најслаба економија оваа година, со раст од само 1,8%. Од банката изразија загриженост за влијанието на заемот од Унгарија врз јавниот долг и за бавниот напредок на инфраструктурните проекти како Коридорите 8 и 10.