Белгискиот производител на автобуси „Ван Хол“, кој има свој погон и во ТИРЗ „Бунарџик“ крај Скопје, ќе го сведе бројот на вработени во погонот во Белгија на меѓу 650 и 950 лица, објави интернет изданието на весникот „Соар“ повикувајќи се на извори во синдикатот.
Според истите извори, најавата за отпуштање на меѓу 1550 и 1850 вработени од вкупниот број од околу 2500 работници била соопштена утрово на средба меѓу претставници на синдикатот и на раководството, кои информирале дека загубите на компанијата „се многу поголеми отколку што се стравуваше“.
Синдикатите, кои наведоа дека на средбата не присуствувал претседателот на Управниот одбор на компанијата, Филип ван Хол, туку негови застапници, соопштија дека фирмата остварува „разочарувачки резултати“ во работењето.
Околу можноста за продавање на компанијата, синдикалните претставници истакнаа дека во таков случај првенствено би сакале да се води сметка за зачувување на работните места.
Не би сакале сценарио каде што купувачот е заинтересиран само за преземање на технологијата, брендот и клиентите, посочија од синдикатот.
„Ван Хол“ е семејна компанија за производство на автобуси, тролејбуси и приколки основана во 1947 година. Фирмата има околу 4100 работници во своите фабрики ширум светот, од кои најголемиот дел се во погоните во белгиското место Конингсхојт и во Скопје.