Екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје, по налог на Град Скопје, започнаа со машинско чистење на коритото на реката Вардар, во рамки на годишната програма за одржување на главниот водотек, неговите притоки (Серава, Лепенец, Треска) и отворените канали на подрачјето на главниот град.
Во овој дел од акцијата се расчистува сегментот кај Галиите во Централното градско подрачје, каде механизацијата отстранува насобран шут и гранки од речното корито, информира јавното претпријатие.
Паралелно, екипите тековно спроведуваат рачно отстранување на нискостеблеста вегетација од косините на Вардар. Овие активности ќе продолжат и во наредниот период, согласно планот за работа и упатените налози од Град Скопје.