Вардар се излеа: поплави, одрони и евакуации во повеќе делови од земјата

Обилните врнежи од дожд предизвикаа сериозни проблеми низ повеќе региони во земјата, при што реката Вардар се излеа кај селото Балин Дол, а регистрирани се поплави, одрони и евакуации на жители, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со дежурните служби на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата на терен. Од Центарот апелираат граѓаните сите забележани ризици и потреби за помош веднаш да ги пријавуваат на телефонскиот број 112.

Според податоците заклучно со 21 часот на 7 јануари 2026 година, состојбата на терен е следна:

На патниот правец Гостивар–Стража евидентирани се одрони, но сообраќајот се одвива без прекин. На правецот Тетово–Бањиче, одрони покрај коловозот го отежнуваат движењето на возилата, додека кај таканаречениот „Цртан ѕид“ се регистрирани свлечишта и одрони кои се расчистени со механизација, а патот е соодветно обележан.

Во селото Балин Дол дошло до излевање на реката Вардар, при што се поплавени околу десет земјоделски парцели и неколку дворови. Поради зголемениот водостој, ХЕЦ „Маврово“ го намали производството на електрична енергија. Во селата Мало Турчане и Горно Бањиче се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште, а локалната самоуправа не располага со соодветна механизација за интервенција. Во селото Форино, паднато дрво во коритото на Вардар претставува потенцијален ризик од поплава, поради што е испратена екипа со моторна пила за негово отстранување.

Во битолскиот регион, во селото Лера регистрирана е поплава кај мост со можност за проширување кон населбата, додека во селото Породин е поплавена живинарска фарма. Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски површини, иако коритата на реките не се излеале. Одронот кај селото Сирхан е целосно отстранет.

На подрачјето на Охрид пријавени се поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и општинските служби. Во Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе станбени објекти, а околу 60 лица се евакуирани и згрижени во спортската сала „Христо Узунов“. На патниот правец Охрид–Пештани, кај хотелот „Гранит“, е регистриран одрон, но сообраќајот се одвива, а целосното расчистување се очекува во наредните еден до два часа. Во Струга, на правците Татеши–Мислодежда и Дебар–Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.

Во Општина Боговиње, поради излевање на вода од канал поврзан со изградбата на автопатот, поплавено е обработливо земјоделско земјиште, без опасност по станбени објекти.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека сите надлежни институции и служби се на терен и активно работат на санирање на последиците, а граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност и строго почитување на официјалните препораки и известувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен