Вашингтон одлучи: Додик и Цвијановиќ повеќе не се на американската црна листа

Соединетите Американски Држави ги укинаа санкциите против Милорад Додик, лидерот на Алијансата на независни социјалдемократи и претседател на Република Српска, како и против Жељка Цвијановиќ, членка на Претседателството на Босна и Херцеговина. Одлуката ја објави Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД, пренесува Н1.

Покрај нив, од санкционираната листа се отстранети и членови на семејството на Додик, нивни компании и блиски соработници. OFAC досега двапати го санкционираше Додик, обвинувајќи го за анти-Дејтонски активности и поткопување на државните институции на БиХ.

Во најновата одлука, САД ја нагласуваат „конструктивната акција“ на Народното собрание на Република Српска во последните недели, која, како што се наведува, може да придонесе кон поголема стабилност во земјата и развој на партнерство со Вашингтон засновано на „заеднички интереси и економски просперитет“.

Од санкционираната листа се отстранети вкупно 48 физички и правни лица од регионот, во рамките на редовната ревизија на санкциите што ја спроведува американската влада за да ги усогласи со своите надворешнополитички и безбедносни цели.

Минатиот декември властите на Република Српска склучија договор со американската адвокатска фирма „Zell & Associates International Advocates“ за лобирање во САД со цел укинување на санкциите против Додик и Цвијановиќ и обновување на дијалогот со американската администрација.

Според документите до кои дојде Радио Слободна Европа, фирмата се обврзала да работи на територијата на САД преку комуникација со претставници на извршните и законодавните власти, како и со невладиниот сектор.

Пред само десет дена, OFAC од листата ги избриша и четворицата жители на Република Српска санкционирани за организирање на прославата на 9 јануари – неуставниот Ден на РС.

Извор: Meta

Зачлени се на нашиот е-билтен