Главното политичко гласило во САД, „Вашингтон пост“, за првпат од 1988 година одлучи да не даде поддршка за ниту еден претседателски кандидат соопшти денеска Вил Луис, издавач и извршен директор на весникот. На 11 денови пред изборите, трката меѓу потпретседателката Камала Харис, демократка, и републиканецот Доналд Трамп е тесна и неизвесна.
Одлуката е дотолку повеќе чудна бидејќи во овој изборен циклус весникот објави стотици критички статии, со анализи, статистика и проверка на факти за Трамп, вклучително и критички осврти со разобличување на неговите говори полни со лажни тврдења. Уредничкиот тим повеќепати истакнуваше дека постапките и реториката на Трамп го прават неподобен за функцијата претседател на САД. Посебно внимание весникот посвети на акците на Трамп во јануари 2021 година, кога тој повика маса свои поддржувачи да го оспорат официјалното сертифицирање на изборот на Џо Бајден за претседателот, при што гневната толпа упадна во американскиот Капитол, и имаше повеќе жртви.
-Се враќаме на нашите корени на непартиско известување, напиша Луис во уредничка колумна. Тој се осврна на политиката на весникот пред 1976 година, кога, по скандалот Вотергејт, разобличен од весникот, „Вашингтон пост“ даде поддршка за демократскиот кандидат Џими Картер. Според архивите, последен пат кога весикот не подржал кандидат е во 1988 година.
Според извори во редакцијата, уредничкиот колегиум бил „шокиран“ од одлуката, која Луис најверојатно ја донел самостојно, со исклучително негативни реакции. Весникот не коментарише за својата одлука.
Поранешниот извршен уредник Мартин Барон, кој ја водеше редакцијата за време на претседателството на Трамп, остро ја осуди одлуката.
-Ова е кукавичлук, момент на темнина што ја остава демократијата како жртва, изјави Барон. „Доналд Трамп ќе го прослави ова како покана за дополнително заплашување на сопственикот на весникот, Џеф Безос (и на другите медиумски сопственици). Историјата ќе го означи ова како вознемирувачко поглавје на малодушност во институција прочуена по својата храброст.“
Слична одлука од страна на сопственикот на „Лос Анџелес тајмс“*”, Патрик Сун-Шианг, доведе до оставки од уредникот на уредничките коментари и двајца членови на уредничкиот одбор. Сун-Шианг побарал од уредничкиот одбор да изработи „фактичка анализа“ за политиките и плановите на Трамп и Харис. Во своето писмо за оставка, уредничката Мариел Гарза изјави дека одлуката го прави весникот „плашлив и лицемерен“, со оглед на претходните написи и уреднички ставови за Трамп.
Сопственикот на „Вашингтон пост“, Џеф Безос, основач на Амазон и еден од најбогатите луѓе во светот, има значителни договори со федералната влада преку своите други бизниси, кои опфаќаат договори за куриерски служби, облачни услуги, како и неговата компанија за вселенски проекти, „Блу ориџин“.
Луис дојде во весникот како издавач и извршен директор на почетокот на годинава, а претходно иста позиција имаше во „Волстрит журнал“, весник во сопственост на Руперт Мердок. Служел и како уредник во конзервативниот лондонски „Телеграф“, близок на ториевците, а бил и консултант на конзервативниот Борис Џонсон, кога тој беше премиер на Велика Британија.
Според гласините, Безос го избрал Луис на оваа позиција поради неговите врски со конзервативните првенци како Мердок.
Борис Камчев, ексклузивно од Вашингтон за Рацин.мк