Еден од најавтентичните и највлијателни џез музичари од Балканот, Васил Хаџиманов, вечер ќе одржи концерт во Скопје, каде што ќе настапи со својот бенд во состав познат по силната сценска енергија и непредвидливите музички патувања, информираат организаторите на концертот.
Публиката, велат организаторите, може да очекува вечер исполнета со слобода, импровизација и емоција, со избор од делата на Хаџиманов од неговите досегашни осум албуми, како и премиерно изведување на дел од материјалот што ќе се најде на неговиот деветти студиски албум.
„Секој настап во Скопје за мене е вистинска радост и повторна средба со луѓе што многу ги сакам,“ вели Хаџиманов, додавајќи дека најважно во музиката е искреноста и спонтаноста. „Џезот е жив организам што постојано се менува – нема правила, сè е дозволено и сè е во игра“, истакнува Хаџиманов.
Во своето творештво, Хаџиманов маестрално ги спојува џез-импровизацијата, балканските ритмови, електрониката и современиот урбан звук, создавајќи единствен музички јазик што ја обединува публиката од различни генерации и култури.

