Новата поетска книга од Владимир Мартиновски – „Со една четка два зајака”, ќе биде промовирана вечерва (11 февруари, среда) во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк” во „Дајмонд мол”, во рамки на „Денови на литературата”.
Книгата е дел од едицијата Македонски книжевни класици, во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина – публикации”.
Промотор на изданието ќе биде Иван Џепароски, а настанот ќе биде збогатен со поетско читање во изведба на Мартиновски и Биљана Стојановска.
Во рамките на промоцијата ќе биде поставена изложба на дела од Филип Мартиновски, чија слика „Два зајака” се најде и на корицата на книгата.
„Со една четка два зајака” е поетска книга обликувана во духот на современото време – игриво, длабоко и мисловно понирање во светот на животните, каде што биоетиката и екопоетиката не се само филозофска или етичка рамка, туку живо поетско искуство. Песните ја истражуваат поврзаноста меѓу природата, животинскиот свет и човекот, со силно доживеани чувства и изразена поетска самосвест. Мартиновски се движи со сигурност меѓу македонската книжевна традиција и глобалните книжевни текови, создавајќи сериозен и зрел уметнички експеримент.
Оваа книга, заедно со „Часови без часовник” (исто така од Владимир Мартиновски), беше во конкуренција за наградата „Ацо Шопов” за најдобра поетска збирка за 2025 година, што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија.
Книгата „Со една четка два зајака” е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.