Со свечено осветлување на елката на плоштадот „Македонија“ вечерва (15 декември) во 18 часот, Скопје официјално ја отвора празничната сезона и божиќниот маркет во центарот на градот. Градските власти најавуваат дека од денес до 31 декември, секоја вечер од 18 часот ќе има програма со музички настапи, диџеј-сетови и уметнички изведби, со викенди резервирани за најмладите.
Во градската програма, фокусот се префрла кон завршницата на декември: централниот дел стартува на 27 декември, кога напладне на плоштадот е најавено и пристигнување на Дедо Мраз, а во програмата ќе се вклучат и средношколски бендови. За новогодишната ноќ, организаторите најавуваат настапи исклучиво на домашни изведувачи, меѓу кои и Каролина Гочева и Тамара Тодевска, како дел од концертната вечер за дочек на 2026 година. Најавено е и дека Новата година нема да се одбележи со огномет, а украсувањето ќе остане поставено до средината на јануари.