Вечната пратеничка на ДПМНЕ Василевска се обиде да го смени фокусот на денешната дискусија

Седницата на Постојаната анкетна комисија за правата на граѓанинот, посветена на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се претвори во политички судир меѓу „вечната“ пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, и претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев од Левица. Во сала во која беа и родителите на загинатите деца, Василевска јавно побара иземање на Апасиев од претседавање со Комисијата.

Во емотивно обраќање, Василевска најпрво упати сочувство до семејствата и нагласи дека говори како професор по право, искусна пратеничка, но и како мајка, сестра и пријателка. Потоа остро му се обрати на Апасиев, тврдејќи дека со своето постапување ја доведува јавноста во заблуда и ја загрозува довербата во процесот. Потсети на Законот за постапување по поднесоци и претставки и на одредбата дека не смее да се постапува по претставка за која веќе има судска постапка, алудирајќи дека со оваа седница Комисијата оди надвор од својот мандат.

„Пратеникот Апасиев со неговите изјави и ставови го изгуби кредибилитетот да ја води денешната комисија. Поради сето наведено, барам изземање на колегата Апасиев од претседавање со анкетната комисија. Правдата не смее да биде водена од оние кои однапред ја негираат“, порача Василевска, повикувајќи се на правните принципи според кои и самиот сомнеж е доволна причина за изземање, особено во ваков тежок предмет.

Во продолжение таа ги предупреди родителите дека форматот на Комисијата, како што е поставен, „нема да има никаков правен ефект за поведување одговорност“, туку може да заврши како алиби за оние што имаат удел во трагедијата. Василевска прочита и дел од писмото на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски до Собранието, во кое се наведува дека за „Пулс“ веќе течат три постапки – едната во фаза на судење, две во истрага – и оцена дека анкетна комисија во оваа фаза може да ги компромитира доказите и сведоците.

Кулминацијата на настапот беше барањето за едночасовна пауза и за официјално изземање на Апасиев. Василевска тврдеше дека тој има „предефинирано и јавно изразено правно мислење“ за суштинските елементи на предметната постапка – дека обвинението за Кочани ќе падне и дека нема каузалитет – што, според неа, го прави неспособен да гарантира непристрасност. На родителите им понуди, по паузата, во својата канцеларија да им ги покаже изјавите на Апасиев за трагедијата.

Од другата страна на масата, Апасиев остана на својата позиција. На почетокот на седницата веќе нагласи дека Комисијата нема истражни или судски овластувања и дека не може да ја заменува работата на обвинителството и судот, туку само да разгледува дописи и претставки и да носи ставови кои понатаму може да станат основа за барање одговорност кај носителите на јавни функции.

По барањето за иземање, тој јасно стави до знаење дека нема да се повлече од претседавањето со Комисијата. Не го прифати ниту предлогот за пауза, со образложение дека Василевска не е координатор или заменик-координатор на пратеничката група и затоа нема право да бара таков прекин. Сцената брзо прерасна во вербален судир – со реплики, процедурални забелешки и подигнат тон, додека во првите редови родителите на загинатите молчешкум го следеа препукувањето.

Додека „вечната“ пратеничка на ДПМНЕ се повикуваше на правни норми и на моралната димензија – дека правдата не смее да ја водат оние што однапред ја негираат – Апасиев се обидуваше да ја одбрани легитимноста на Комисијата, инсистирајќи дека таа не пресудува за кривична вина, туку го отвора прашањето за политичка и институционална одговорност. На крајот, мнозинството во Комисијата не изгласа иземање, а Апасиев продолжи да претседава, оставајќи ја Василевска да ја пренесе битката на прес-конференции и партиски соопштенија.

Седницата што требаше да биде посветена на гласот на родителите и на прашањето како институциите дозволиле да се случи „Пулс“, така уште еднаш покажа како трагедиите лесно се претвораат во политички арена. Меѓу барањата за правда и меѓусебните обвинувања за „неспособност“ и „примитивизам“, границата помеѓу искреното сочувство и дневната политика остана тенка – а семејствата повторно завршија во средината на партискиот фронт.

Зачлени се на нашиот е-билтен